Не е изненадување да се слушне отчукувањата на срцето во лежечка положба, односно кога главата е потпрена на перницата, бидејќи во тој момент се врши притисок врз артериите на вратот.
Сепак, пулсирачкиот тинитус може да биде предупредувачки знак за висок крвен притисок или дури и тумор во главата или вратот, предупредуваат експертите.
Каротидните артерии се главните артерии на вратот, кои носат крв до мозокот. Постојат две каротидни артерии – по една на секоја страна од вратот, и тие се одговорни за снабдување со крв на главата, лицето и вратот. Нивниот пулс се чувствува под прстите, веднаш под долната вилица.
Потпирањето на главата на перница го зголемува притисокот врз каротидните артерии, што го отежнува протокот на крв и предизвикува да се слушне промената на притисокот во нив. Бидејќи точката на притисок е блиску до увото, кое е чувствително на звуци, вообичаено е да се слушне пулсирачки шум во ритамот на срцето.
„Доколку одвреме навреме, додека лежите на страна, го слушате чукањето на вашето срце, тоа е најверојатно поради каротидната артерија. Кога лежите на страна, односно кога главата ви е потпрена на перницата, се врши притисок врз каротидната артерија, така што звукот што се слуша се слуша во ушите е нормален физиолошки феномен“, објаснува американскиот хирург д-р Ентони Јан.
Во целосна тишина, повеќето луѓе можат да слушнат дискретна бучава, како последица на нормалните активности на внатрешното уво и околните структури.
Кога пулсирачкиот тинитус е знак за загриженост?
Иако е вообичаено повремено да се слушаат отчукувања на срцето во ушите, д-р Јан забележува дека постојаното присуство на овој звук, без разлика дали лежите или стоите, може да биде знак за состојба позната како пулсирачки тинитус.
Тинитус е медицинско име за зуење во ушите, а пулсирачкиот тинитус обично се опишува како зуење во ушите во ритам со отчукувањата на срцето.
„Ако го слушате вашето срце како чука цело време кога лежите на страна или особено кога стоите, тогаш тоа може да биде пулсирачки тинитус. Овој „ритмички шум“ може да се слушне во главата или ушите и обично се совпаѓа со отчукувањата на срцето“, објаснува д-р Јан.
Што е тинитус?
Тинитусот не е болест, но може да биде симптом на болести или медицински состојби како што се атеросклероза, висок крвен притисок, анемија, дијабетес, а понекогаш може да укажува и на тумор.
Се проценува дека 15 до 20 проценти од светската популација има тинитус, а најчесто се јавува кај луѓе на возраст меѓу 40 и 80 години. Повеќето луѓе кои страдаат од тинитус имаат субјективно чувство на зуење во ушите, односно ѕвонење што само тие го слушаат.
Тинитусот може да биде присутен на едното или на двете уши, може да биде благ и повремен, но и силен и постојан, до тој степен што ги попречува секојдневните активности.
Во повеќето случаи, тинитус е поврзан со оштетување на внатрешното уво или на нервот кој пренесува звучни сигнали до мозокот. Исто така, тинитус често е последица на изложеност на бучава или на процесот на стареење.
Тинитус како последица на сериозна здравствена состојба
Сепак, треба да се има на ум дека високиот крвен притисок или хипертензијата може да го зголемат тинитусот, особено во стресни ситуации.
Исто така, атеросклерозата, односно стеснувањето на крвните садови поради таложење на масни наслаги на холестерол во крвта, може да предизвика пулсирачки тинитус, особено ако се појави атеросклероза во крвните садови во близина на увото.
Хроничните состојби како што се дијабетес, проблеми со тироидната жлезда, мигрена и анемија исто така може да предизвикаат тинитус.
Во ретки случаи, пулсирачкиот тинитус може да биде предупредувачки знак за тумор во главата или вратот. На пример, акустичен невром – редок бениген тумор кој се развива на нервот што тече од внатрешното уво до мозокот – може да предизвика зуење во ушите.
Други тумори на главата, вратот или мозокот исто така може да предизвикаат тинитус. Меѓутоа, туморите поврзани со пулсирачкиот тинитус во повеќето случаи не се канцерогени, наведува организацијата Тинитус УК, а пренесува „Дејли мејл“.
Кога да одите на лекар за тинитус:
- Ако тинитус трае подолго од една недела.
- Ако тинитус се појави по инфекција на горниот респираторен тракт, како што е настинка.
- Ако зуењето во ушите е придружено со губење на слухот или вртоглавица.
- Ако се појави анксиозност или депресија како резултат на тинитус.