ПУМПИТЕ СЕ ПОСТАВЕНИ, АКЦИЈАТА ЗАПОЧНА – Ова е конечниот план за уништувањето на “големата мистерија“ на Хамас во Појасот Газа
Од 2016 година, Израел доби воена помош во вредност од 320 милиони долари од САД за да развие техники што ќе им овозможат да ги уништат подземните тунели на Хамас, пишува Financial Times. Сепак, не е пронајден универзален лек кој би им помогнал брзо да ги ликвидираат тунелите на Хамас.
Уништувањето на мрежата на подземните тунели на Хамас е една од причините зошто израелската Армија ја продолжи офанзивата по еднонеделниот прекин на огнот, и покрај зголемениот меѓународен притисок. Тие имаат посветена единица од инженери, како и обучени командоси, опремени да ги истражат и уништат тунелите. Но, за да ги спасат животите на војниците, тие повеќе се потпираат на кучиња-трагачи, роботи и беспилотни летала.
Првиот чекор е да се лоцира тунелот. За ова се користат радарите и акустичните сензори, но нивната ефикасност е ограничена во урбана средина, затрупана во урнатини. Поедноставен метод се состои од вметнување димна граната во влезот на тунелот, кој потоа се запечатува со пена и дополнително се следи за да се види каде ќе излезе чадот. За целосно уништување на тунелот не е доволна една експлозија, туку поставување на експлозив покрај подземните премини, објаснува Financial Times.
„Еден од методите е да се користат течни експлозиви кои го исполнуваат просторот на тунелот и потоа детонираат“, објаснува Јехуда Кфир, израелски градежен инженер и резервен офицер на ИДФ.
Друга опција е оружјето кое вшмукува кислород за да произведе експлозија со екстремно висока температура, но нивната употреба во населените области е контроверзна.
Третата опција е испумпување на морската вода под висок притисок, а тоа веќе го користи Израел, а видеата кои се објавени ја поткрепуваат таа теза. Денеска беше кажано дека Израел поставил најмалку пет пумпи на околу 1,5 километар северно од бегалскиот камп „Ал Шати“ кои би можеле да испумпуваат илјадници кубни метри вода на час – што значи дека може да ја поплават мрежата на тунели долга 480 километри за неколку недели.
„Оваа технологија веќе се користи во индустријата за нафта и гас“, објаснува Дафне Ричемонд-Барак, професор на израелскиот универзитет „Рајхман“ и автор на книга за подземна војна.
„Уништувањето на тунелите на Хамас е најтешкиот аспект од мисијата на израелската Армија и меѓу најважните“, истакнува Дафне Ричемонд-Барак и додава: „Но, задачата е тешка. Мора да бидеме трпеливи, ќе треба време“.
Копањето нови, паралелни тунели би претставувало помал ризик за заложниците од поплави и експлозии. Инженерот Јехуда Кфир го застапува овој метод. Израел треба, вели тој, да допре до срцето на системот на Хамас не одозгора, туку одоздола. Но за тоа е потребно време. Некои официјални лица жалат што Израел не презеде посериозни мерки години порано.
„Требаше сето тоа да го уништиме кога тунелната мрежа на Хамас беше помала. Ги имавме сите разузнавачки информации“, изјавил поранешен безбедносен функционер за Financial Times.
Се верува дека повеќето од тунелите на Хамас преживеале речиси осум недели од немилосрдниот израелски напад, пишува Financial Times. Во тунелите Хамас крие оружје и повеќе од 130 заложници кои сè уште ги држи. Тунелирањето е древна воена техника. Евреите ги користеле во познатиот бунт против Римјаните пред 2000 години, а исто така биле користени од борците на Виет Конг против американските сили во војната во Виетнам.
Откако Хамас ја презеде власта во Појасот Газа пред 16 години, ископа мрежа од тунели во мекиот песочник на градот Газа. Уништувањето на тунелите е приоритет на израелската Армија. Досега имаат лоцирано повеќе од 800 влезови во тунелите, од кои уништиле 500. Израелската Армија објави дека уништила многу километри тунели. Financial Times наведува дека се проценува дека тунелската мрежа е долга повеќе од 500 километри.
Израелските сили сега контролираат голем дел од северниот дел на Појасот Газа, но војниците на ИДФ продолжуваат да се соочуваат со напади од борците на Хамас кои скокаат од тунелите и потоа се повлекуваат „како глувци“, тврди Financial Times.
Израел, наводно, користел ласерски водени бомби GBU-28, познати како „бункер разбивачи“, во операциите во 2021 година. Оттогаш тие ја научија лекцијата за копање подлабоко и заштита на тунелскиот систем со армиран бетон.
Експертите претпоставуваат дека Хамас ги изградил тунелите во повеќе слоеви, со тесни тунели со врати отпорни на експлозии на врвот, и пошироки тунели со логистички центри, складишта за оружје и куќишта на пониското ниво.