Путин вели дека промената на американскиот претседател нема да влијае на односот на нивните елити кон Русија

 – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека промената на претседателот на САД нема да го промени односот на нивните елити кон неговата земја.

„Ме прашавте токму сега: дали некој друг лидер ќе дојде и ќе промени нешто? Не се работи за личноста на лидерот, туку за расположението на елитите“, рече Путин за време на интервјуто со поранешниот водител на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, во Москва, емитувано доцна синоќа.

Истакнувајќи дека поразот на Русија на бојното поле е „невозможен“, Путин рече дека нема за што да разговара со американскиот претседател Џо Бајден поради испораката на оружје од Вашингтон за Украина и дека последен пат тој разговарал со Бајден пред почетокот на војната меѓу Русија и Украина.

„Инаку, нема да навлегувам во детали, никогаш не го правам ова – но тогаш му реков: верувам дека правиш огромна грешка од историски размери поддржувајќи сѐ што се случува таму во Украина, оттурнувајќи ја Русија“, рече тој.

Путин рече дека Русија е подготвена да го реши прашањето околу притворањето на новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович, но има „одредени услови“ за кои се разговара преку „партнерските канали меѓу разузнавачките служби“.

„Ми се чини дека за ова може да се договори“, рече тој.

Тој, исто така, рече дека она што Гершкович го правел додека бил во Русија е „шпионажа“, бидејќи било откриено дека „примал тајни информации на тајна основа“.

Гершкович, американски државјанин кој работел како известувач во бирото на Журнал во Москва, беше уапсен од руската Федерална служба за безбедност во градот Екатеринбург во март минатата година под обвинение за шпионажа.

– Русија и Украина ќе постигнат договор „порано или подоцна“

Путин ја коментираше и ситуацијата во Украина, велејќи дека Москва и Киев ќе постигнат договор „порано или подоцна“, повторувајќи дека Русија „никогаш не ги одбила преговорите“.

„Порано или подоцна, сепак ќе се договориме. И знаете што? Можеби дури и звучи чудно во денешната ситуација, но односите меѓу народите сепак ќе бидат обновени. Ќе биде потребно многу време, но тие ќе бидат обновени“, рече тој.

Велејќи дека она што се случува на фронтот меѓу руските и украинските сили е, до одреден степен, „елемент на граѓанска војна“, Путин истакна дека сите на Запад мислат дека борбите во Украина засекогаш разделиле еден дел на рускиот народ од другиот, но „повторното обединување ќе се случи“.

Путин, исто така, ја дефинираше Украина како „сателит“ на САД и „вештачка држава“ создадена од Советскиот Сојуз, велејќи дека раководството на Украина одбило да преговара со Русија врз основа на „инструкциите од Вашингтон“ и дека украинскиот претседател Владимир Зеленски законски си забранил да разговара со Русија.

„Тој потпиша декрет со кој им забранува на сите да преговараат со Русија. Но, како ќе преговараме ако тој самиот си забрани и на сите им забрани?“, рече тој.

Путин потоа рече дека САД треба да ја прекинат испораката на оружје за Украина доколку сакаат да го запрат конфликтот, додавајќи дека тоа „ќе стави крај на сѐ во рок од неколку недели“.

Тој нагласи дека Москва нема територијални претензии кон Полска, Латвија или која било друга земја, притоа не исклучувајќи реакција на евентуален напад од Варшава.