САД: Израелската операција во Рафа „би била катастрофа“ за Палестинците

– Соединетите Американски Држави (САД) вчера предупредија дека израелската воена операција во Рафа „би била катастрофа“ за повеќе од еден милион раселени Палестинци кои се засолниле таму.

Белата куќа и Стејт департментот нагласија дека не виделе докази што сугерираат дека таква операција е неизбежна, но предупредија на сериозни хуманитарни последици доколку се случи.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неколку часа претходно изјави дека армијата ќе напредува до областа во близина на египетската граница откако претходно им нареди на голем број Палестинци од другите делови на крајбрежната енклава да побараат засолниште таму.

Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, изјави за новинарите дека САД не виделе никакви „планови што би нè натерале да веруваме дека подготвуваат или наскоро ќе спроведат некоја голема операција во Рафа“.

„Таму има многу раселени луѓе, а израелската армија има посебна обврска додека спроведува операции таму или на кое било друго место да обезбеди заштита на животите на невините цивили, особено цивилите што беа турнати во јужниот дел на Газа со операциите на север“, рече тој.

„Доколку целосно не се земе предвид заштитата на цивилите од тој размер во Газа, воените операции во овој момент би биле катастрофа за тие луѓе и тоа не е нешто што ние би го поддржале“, додаде Кирби.

Коментарите ги повтори и портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, кој рече дека администрацијата на Бајден „нема да поддржи вакво нешто без сериозно и веродостојно планирање бидејќи тоа се однесува на заштитата“ на цивилите што се засолниле во Рафа.

Нетанјаху вети дека ќе изврши израелски воени операции во Рафа, велејќи дека војната во Газа ќе продолжи сѐ додека Израел не успее да извојува „тотална победа“ против Хамас.

Најмалку 14 Палестинци загинаа, а неколку се повредени во текот на ноќта кога израелски воени авиони нападнаа куќи во Рафа и Деир ал Балах во јужниот и централниот дел на Појасот Газа, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА доцна синоќа.

Израел започна смртоносна офанзива во Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, при што загинаа најмалку 27.585 Палестинци и беа ранети 66.978, а се верува дека речиси 1.200 Израелци се убиени во нападот на Хамас.

Според податоците на Обединетите нации, израелската офанзива остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселени поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.​

Голем број раселени Палестинци се засолниле во Рафа.