Путин ги критикуваше новите амбасадори на САД и на ЕУ во Москва

Претседателот на Русија, Владимир Путин на денешната церемонија за предавање на дипломатските акредитиви во Кремљ упати критика до новите амбасадор на САД и на Европска Унија, истакнувајќи оти нивните земји се одговорни за драматичното влошување на односите.

Предавањето на акредитивите од 17 амбасадори се пренесуваше на телевизија.

Путин на новата американска амбасадорка Лин Трејси и кажа дека токму американската поддршка за револуцијата во Украина во 2014 година доведе до сегашната ситуација во која Русија и Украина се во конфликт. Тој наведе дека билатералните односи се во „длабока криза заснована на фундаментално различни пристапи за обликување на современиот светски поредок“.

– Почитувана госпоѓо амбасадорке, знам дека можеби не се согласувате, но морам да кажам дека американската употреба на такви алатки за поддршка на така наречените „обоени револуции“ претставуваше поддршка за државниот удар во Киев во 2014 година, што на крајот доведе до актуелната украинска криза, истакна Путин.

Рускиот претседател зазеде сличен став и кон амбасадорот на ЕУ во Русија, Роландо Галхарагу, кој ја презеде функцијата во септември. Според Путин „ЕУ го почнала геополитички конфликт со Русија“.

Во исто време Путин ја повика Данска да го поддржи рускиот предлог за формирање независна меѓународна комисија која ќе ги истражи експлозиите што ги уништија подморските цевководи на Северен поток во септември минатата година, преку кој Германија се снабдуваше со руски гас.

Путин во воведното обраќање наведе дека Русија е отворена за конструктивно партнерство со која било земја и дека нема намера да се изолира и покрај сложената ситуација во светот.

Тензичните односи помеѓу Русија и западните земји дополнително се влошија по инвазијата врз Украина. Москва тврди дека била принудена да интервенира во Украина за да го спречи мешањето на Западот, што почнало да претставува закана за нејзината безбедност.

Западот и Киев го отфрлија таквото објаснување како неоснован изговор за освојувачка војна, а потоа Западот воведе низа економски санкции и почна да ја снабдува Украина со оружје и други ресурси со цел што поуспешно да се спротивстави на руските воени сили