Путин ги обвини сојузниците на Украина: Сакаат да нè задржат, ништо нема да биде исто

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека над 28.000 санкции се наметнати на Русија во изминатите неколку години, значително повеќе од претходниот рекордер, Иран, кој имаше наметнати околу четири илјади санкции.

Понатаму, како што изјави на конгресот на Руската унија на индустријалци и претприемачи (РСПП), бизнисите не треба да сметаат на целосна слобода на трговија во светот, бидејќи работите никогаш нема да бидат исти како порано.

– Не треба да сметаме на целосна слобода на трговија во светот, како што беше досега, тоа нема да се повтори. Дури и да се ублажат санкциите против Русија, ќе се најде друг начин за забавување на трговијата. Нашите конкуренти секогаш ќе сакаат да нè ослабат и задржат, алудира Путин на сојузниците на Украина.

Путин ги повика претприемачите да не ги доживуваат антируските санкции како привремени мерки. Според Путин, во последните години бизнисите успеале да се реструктуираат и да научат да работат под западните ограничувања, а исто така започнале и паралелен увоз.

Путин и нареди на владата да состави список на компании кои ја напуштиле Русија во последните три години. Според шефот на државата, процесот на нивно враќање на рускиот пазар треба да биде максимално транспарентен.