– Рускиот претседател Владимир Путин денес за првпат ги изложи руските услови за ставање крај на војната во Украина и започнување мировни преговори.
Говорејќи на состанокот со вработените во руското Министерство за надворешни работи во Москва, Путин рече дека Русија „веднаш“ ќе ги прекине борбените операции доколку Украина се откаже од намерите да се приклучи на НАТО и ги повлече своите војници од регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во земјата – четирите источни региони за кои Русија рече дека ги анектирала во 2022 година, потег што генерално е осудуван од меѓународната заедница.
Путин нагласи дека предлага прекин на конфликтот, а не само негово замрзнување.
„Штом Украина почне да ги повлекува војниците од Донбас и Новоросија (во тие региони) и се обврзе да не се приклучи на НАТО, Руската Федерација ќе го прекине огнот и ќе биде подготвена за преговори. Мислам дека нема да треба долго време“, додаде тој.
Путин навести дека Владимир Зеленски не го смета за легитимен претседател на Украина по истекот на неговиот мандат на 20 мај, и рече дека Парламентот на земјата, Врховната Рада, е единствена легитимна власт.
Русија ја започна војната на 24 февруари 2022 година. Во светло на војната, Украина прогласи воена состојба, која не дозволува одржување на претседателски избори.
Пред почетокот на војната, украинските надежи за влез во НАТО се сметаа за далечни, иако тие станаа посериозни во светло на конфликтот.
Најавата на Путин дојде по еден ден откако земјите од групата Г-7 објавија нов пакет заем од 50 милијарди долари за Украина, а Вашингтон и Киев потпишаа 10-годишен безбедносен договор со цел да се потенцира дека поддршката на Западот за земјата ќе продолжи на неограничено време.