Путин за првпат ги спомна севернокорејските војници: Маринците од Далечниот Исток се борат цврсто, вешто и смело во Курск

Рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со вршителот на должноста гувернер на областа Курск, Александар Хиштејн, изјави дека ситуацијата во регионот е многу тешка.

Путин рече дека маринците од Далечниот Исток се борат во тој пограничен регион „цврсто, вешто и смело“.

Ова е првпат Путин да зборува за севернокорејските војници, иако не ги нарече така, а во октомври рече дека „фотографиите се сериозна работа“ на прашањето на новинарите за сателитски снимки на кои се гледа движењето на севернокорејските војници во Русија.

x АП Рамил Ситдиков.jpg

Рускиот претседател му наложи на Хиштејн да работи заедно со руската влада на програма за обновување на граничната област, пренесува РИА Новости.

Путин најави дека ќе ја задолжи руската влада заедно со регионалното раководство да подготви програма за обнова на пограничниот регион Курск.

„Треба да почнеме да го правиме тоа веднаш. Дефинитивно ќе побарам од владата да ја подготви оваа програма, се разбира, заедно со вас и вашиот тим, кој моментално работи во Курск“, рече Путин.

Хиштејн за време на состанокот со Путин рече дека денес е невозможно да се пресмета обемот на трошоците и да се започне со обновување на изгубената инфраструктура на граничните територии на Курската област од очигледни причини.

„Разбираме дека денес, од очигледни причини, поради фактот што воените операции се во тек и нашите војници херојски ја ослободуваат Курската земја, невозможно е да се започне со обновување на инфраструктурата токму сега, исто како што е невозможно да се пресмета износот на трошоците. Барем затоа што сè уште физички не сме ја ослободиле целата наша земја.”

Украинските сили се префрлија во пограничниот регион Курск како дел од контраофанзивата против Русија минатото лето.