Путин му подари на Ким повеќе животни: Лав и две кафени мечки пристигнаа во Северна Кореја како подарок од рускиот претседател (фото)

Рускиот претседател Владимир Путин на главната зоолошка градина во Северна Кореја и’ подари повеќе од 70 животни, меѓу кои лав и две кафени мечки, што се толкува како уште една потврда за cè поблиските односи меѓу Москва и Пјонгјанг.

Министерот за животна средина Александар Козлов беше во делегацијата која со товарен авион ги достави животните во главниот град на Северна Кореја, соопштија од неговиот кабинет на каналот Телеграм.

Од Москва се испорачани и два јака, пет какаду и десетици фазани, како и патки, соопштија од кабинетот на Козлов.

Подарокот дојде неколку недели откако САД и Јужна Кореја открија дека Северна Кореја испратила илјадници војници да се борат заедно со Русија во војната против Украина.

За време на престојот во Пјонгјанг, рускиот министер за животна средина имаше средба и со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Ова не е првпат во последно време Русија да испраќа животни во Северна Кореја.

На почетокот на оваа година Путин му подари на Ким 24 чистокрвни коњи, наводно како благодарност за артилериските гранати што Русија ги доби од Северна Кореја.

xxx01 EPA Гавриил Григоров Sputnik Kre.jpg

Путин и Ким го зајакнаа својот сојуз во последниве месеци, бидејќи двете земји се соочуваат со западни санкции.

На рускиот претседател му е потребна поддршка за неговата војна во Украина, додека на Северна Кореја ѝ треба руска вселенска технологија која би можела да и’ помогне на нејзината ракетна програма.

Посетата на Путин на Северна Кореја во јуни оваа година, кога двајцата лидери потпишаа договор за заемна заштита во случај на „агресија“, покажа дека односите меѓу двете земји стануваат подобри и посилни.

За време на посетата, Путин на Ким и подари руска лимузина Аурус, сет за чај и уметнички дела.

shutterstock_1419951950.jpg

 Се верува дека Ким е ентузијаст за автомобили – тој е виден во различни луксузни автомобили, како што се Maybachs, Mercedes и Rolls-Royce Phantoms.

Путин, исто така, на Ким му подари аурус во февруари, пет месеци откако севернокорејскиот лидер го посети вселенскиот центар Восточни на далечниот исток на Русија.