„Путин намерно го избра Божиќ за напад“ Зеленски по огромниот руски напад врз Украина: Што може да биде понечовечко? (видео)
Украинската воздушна одбрана собори најмалку 50 од вкупно 70 проектили лансирани денеска од руските сили, насочени кон енергетската инфраструктура на Украина, изјави денеска претседателот на земјата, Володимир Зеленски.
„Денес (рускиот претседател Владимир) Путин намерно го избра Божиќ за да нападне. Што може да биде понечовечно?Повеќе од 70 проектили, вклучително и балистички ракети, и повеќе од сто нападни беспилотни летала “, рече Зеленски во објавата на „Телеграм“.
Тој истакна дека цел на нападот била енергетската инфраструктура, и дека поради нападот дошло до прекин на електричната енергија во неколку региони на Украина, пренесува Ројтерс.
„Целите се нашиот енергетски сектор. Тие продолжуваат да се борат за затемнување во Украина”, рече Зеленски.
Голем напад на Божиќ
Украинските градови беа цел на голем руски напад на Божиќ. Како што пишува Би-Би-Си, додека милиони Украинци го слават Божиќ, Русија изврши голем напад со проектили и беспилотни летала врз енергетската инфраструктура на земјата.
Во Киев луѓето се засолниле во метро станиците по предупредувањата за напад со дрон. Има прекини и ограничувања во снабдувањето со енергија низ целата земја, вклучително и делови од Киев, јавува Би-Би-Си.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, изјави дека вториот по големина украински град, во близина на руската граница, е под „масовен“ ракетен напад и дека се слушнале серија експлозии. Најмалку шест лица се повредени, изјави шефот на регионот Харков, Олег Синебухов, пренесе Би-Би-Си.
„Масовен напад врз енергетскиот сектор“
Руските сили ги нападнаа и електраните на најголемата украинска приватна енергетска компанија ДТЕК, сериозно оштетувајќи ја опремата, соопшти компанијата.
ДТЕК соопшти дека ова е 13-ти голем напад врз енергетскиот сектор на Украина оваа година, објави Би-Би-Си.
Украинските воздухопловни сили објавија дека Харков бил нападнат со балистички проектили, а локалниот гувернер Олег Синегубов во објава на „Телеграм“ изјави дека во нападот била оштетена „цивилна нестанбена инфраструктура“.
Министерот за енергетика на Украина Херман Галушченко изјави дека Русија „масовно го напаѓа енергетскиот сектор“, поради што е ограничено снабдувањето со електрична енергија, пренесува Ројтерс.
Русија ги интензивираше нападите врз енергетскиот сектор на Украина од пролетта и оштети речиси половина од производствениот капацитет на Украина, често предизвикувајќи повеќечасовни прекини на струја низ целата земја.