Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека, и покрај санкциите, минатата година Русија остварила извоз на земјоделски производи во вредност од 41,6 милијарди долари и дека очекува извозот на жито оваа година да биде 55-60 милиони тони.
Путин на состанокот на кој се сретна со претставници на рускиот земјоделски сектор, рече дека минатата година во неговата земја е постигната рекордна жетва.
Рускиот претседател истакна дека во 2022 година биле собрани вкупно 158 милиони тони жито.
„Ова е рекордно ниво на жетва во нашата модерна историја“, изјави Путин.
Тој додаде дека и покрај санкциите, Русија продолжува да извезува жито.
„И покрај пречките во надворешната трговија, Русија минатата година успеа да го зголеми извозот на земјоделски производи на 41,6 милијарди долари. Очекуваме дека нашиот извоз на жито оваа година ќе биде околу 55-60 милиони тони“, рече рускиот претседател, пренесе ТРТ БАЛКАН.
Со 19 отсто удел на светскиот пазар на жито, Русија е најголемиот светски извозник на жито.