Путин одлучи: Еве кој ќе ја претставува Русија на преговорите во Истанбул

Рускиот претседател Владимир Путин го утврди составот на руската делегација што ќе патува во Истанбул на преговори со Украина, соопшти Кремљ.

Делегацијата ја предводи помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински.

Во делегацијата се и заменик-министерот за надворешни работи на Русија Михаил Галузин, началникот на Главната управа на Генералштабот на руската армија Олег Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.

Рускиот лидер го одобри и составот на експертите.

На овој список се наоѓаат првиот заменик-началник за информации на Генералштабот на руските вооружени сили Александар Зорин, заменик-началникот на Претседателската дирекција за државна политика во хуманитарната сфера Елена Подобревскаја, директорот на Вториот оддел за земјите од ЗНД при Министерството за надворешни работи Алексеј Полишчук и заменик-началникот на Главната дирекција за меѓународна воена соработка при Министерството за одбрана на Русија Виктор Шевцов.

rtem-epa-presidential-press-service-han.jpg

Претходно, Радио НВ објави, повикувајќи се на извори, дека украинската делегација, која ќе отпатува во Турција со претседателот Володимир Зеленски на разговори со Русија, ќе ги вклучува неговиот началник на кабинетот Андриј Јермак, заменик-шефот на кабинетот Игор Жовква, министерот за одбрана Рустем Умеров и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.

Минатата недела, Путин предложи Украина да ги продолжи директните преговори без предуслови. Тој нагласи дека не ја исклучува можноста за постигнување вистинско примирје на кое Киев ќе се придржува.