Путин: Се води хибридна војна против Русија

– Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека странските сили водат хибридна војна против Русија и применуваат незаконски санкции од невидени размери.

Путин одржа говор преку видеоконференција на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), чиј домаќин беше Индија.

Потенцирајќи дека ШОС е изградена на конструктивна основа, Путин рече дека организацијата игра сè поважна улога во меѓународните односи, давајќи вистински придонес за одржување на мирот и стабилноста, обезбедувајќи одржлив економски раст на земјите членки и зајакнување на врските меѓу народите.

Тој нагласи дека геополитичките противречности во светот се интензивирани, меѓународниот безбедносен систем продолжува да се влошува и, според него, зголемени се ризиците од светска економска и финансиска криза поради неконтролираното акумулирање долгови во развиените земји.

„Социјалната класа и сиромаштијата, безбедноста на храната и животната средина се влошија. Сите овие проблеми доведоа до значително зголемување на потенцијалот за конфликт. Русија го чувствува сето тоа директно во себе“, рече Путин.

Објаснувајќи дека странските сили веќе долго време го спроведуваат проектот за создавање „антируска“ држава во соседна Украина, Путин рече: „Сето тоа е направено за да се загрози безбедноста на Русија и да се спречи нејзиниот развој. Се води хибридна војна против Русија. Против Русија се воведуваат незаконски санкции во невидени размери. Русија самоуверено се спротивставува и ќе се спротивстави на надворешните притисоци, санкции и провокации.“

Путин подвлече дека Русија продолжува да се развива стабилно, дека рускиот народ е обединет како никогаш досега и дека политичките кругови и општеството се обединети против обидот за бунт на групата Вагнер.

Заблагодарувајќи им се на земјите на ШОС за нивната поддршка на руската администрација, Путин рече: „Ние имаме намера дополнително да ги продлабочиме нашите врски со членките на ШОС. Трговската размена на Русија со земјите членки на ШОС минатата година порасна за 37 отсто, достигнувајќи рекорд од 263 милијарди долари.“