Работата на „Бехтел и Енка“ е блокирана

Работите за изградба на два автопати во Македонија, дел од Коридорите 8 и 10, од ​​страна на турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се уште не се започнати бидејќи сопствениците на земјиштето што ќе се експроприра се незадоволни од нивната проценка.

Двата автопати, едниот во западниот дел на државата од Тетово до Ќафасан, на границата со Албанија, а другиот што ги поврзува градовите Прилеп и Битола се долги 109 километри.

Трошоците за реализација на проектите достигнуваат 1,3 милијарди евра, додека рокот на нивната изградба е 57 месеци или до крајот на 2027 година.

Но, жителите на гостиварска Бањица неколкупати протестираа блокирајќи го патот, но и механизацијата на компанијата „Бехтел&Енка“.

„Сите сме во еден глас, не ги даваме нашите земји. Со овие ниви што ги имаме, го издржуваме семејството додека тие сакаат да ни ги земат, не да го градат автопатот, туку да направат кампови за работниците и потоа тие да ни ги продаваат земјиштето за нивните бизниси“, рече Насир Асипи. претседател на Советот на Бањичани.

Тие порачаа дека нивниот протест нема да престане додека државата, како што рекоа, „не се откаже“ од преземањето на нивните земјишта.

Дел од жителите велат дека понудениот надомест од 10 евра за квадрат е понижувачки во време кога неговата цена на пазарот достигнува и до 60 евра.

Според нив, земјиштата може да се користат или издаваат, но не и да се продаваат.

Државата планира да потроши 300 милиони евра за експропријација на приватни имоти.

За разлика од жителите на Бањица, прилепчани ја блокираа механизацијата на градежната компанија, додека ја чекаат одлуката на Уставниот суд каде ја тужеа државата за здравствената штета предизвикана од ерозијата на почвата.

Основниот суд од Прилеп треба да излезе со вештаци за да истражат дали „Бехтел и Енка“ со ископувањето на материјалот предизвикува штета на луѓето, животната средина и предметите од особено значење за овој простор.

„Судија ќе излезе на терен со вештаци за да ги обезбеди доказите. Ќе бараме времена мерка за стопирање на градежните активности“, изјави за Радио Слободна Европа адвокатот Жарко Стевановски.

Техничките проблеми, оние со експропријација на земјиште и сомнежите за коруптивни елементи во договорот потпишан меѓу Владата и компанијата „Бехтел и Енка“, отворија судски предмети како и иницијативи на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Покрај тоа, конзорциумот се соочува и со недостиг од работници.

Компанијата „Бехтел и Енка“ побара помош од институциите за обезбедување на над 4.000 работници – вклучувајќи го и инженерскиот кадар – кои ќе бидат потребни за завршување на проектот.

Од Стопанската комора велат дека не можат да понудат работници, туку само квалитетни компании кои можат да вршат автопатски работи под еднакви услови со конзорциумот.

Владата на Македонија во 2023 година издвои 15 милијарди денари, поточно 243 милиони евра за проектот за Коридорите 8 и 10, средства кои беа предвидени во буџетот на Министерството за транспорт и врски.

Од Агенцијата за државни патишта не ги коментираат реакциите на жителите, но потенцираат дека „експропријацијата на земјиштето, како и целиот проект, се одвива според предвидената динамика“.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ, која победи на парламентарните избори на 8 мај, соопштија дека новата Влада ќе ги разгледа сите процедури за изградба на два автопати.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кој се очекува да биде нов премиер, изјави дека новата извршна власт има две опции, да го откаже договорот или да го промени, во зависност од оценките на експертите.

„Една опција е да се откаже договорот и да се оди на арбитража, да се платат стотици милиони евра и да нема автопат. Второто е преиспитување на договорот за што веќе имаме првични разговори со што би се забрзал и реализирал проектот. Ние сме за прагматичен пристап, граѓаните да тргнат по автопат, но условите на кои е постигнат договорот се донекаде неспроведливи, со големи правни проблеми, проблеми со експропријации и други технички проблеми. Мојата порака е дека како следна Влада сакаме да градиме, а не да уништуваме“, рече Мицкоски на 16 мај.

На 8 март 2023 година, конзорциумот „Бехтел и Енка“ и Владата на Македонија потпишаа договор за изградба на четири автопати.

Поради горчливото искуство со изградбата на претходните автопати, за кои работите траат со години и немаат крај, Владата одлучи новите патишта да се градат по принципот „клуч на рака“.

За таа цел се изменети повеќе закони меѓу кои и оној за експропријација.

За изградба на автопати, Законот за јавни набавки е заобиколен, а Собранието изгласа нов закон за договори во „четири очи“.

Постигнатиот договор не е достапен за јавноста и голем дел од неговата содржина е непозната. Антикорупциската комисија предупреди дека токму ваквите договори со странски градежни компании оставаат простор за коруптивни активности.