Работи како магационер! Поранешниот фудбалер на Партизан и Реал Мадрид моли за помош: „Живеам од ден за ден…“
Поранешниот фудбалер на Партизан и Реал Мадрид, Предраг Спасиќ апелира за финансиска помош.
Како што призна Спасиќ на крајот на 2022 година во интервју за шпански „Релево“, тој е во тешка финансиска ситуација.
– Ми треба помош во економска смисла. Живеам од ден за ден, во тешка ситуација сум. Треба да бидеш силен за да надминеш сè – изјави Спасиќ пред да биде контактиран од Здружението на ветерани на Реал Мадрид, кое, како што самиот признава, го израдувало:
– Среќен сум поради тоа. Горд сум, можеби е моја вина. Сè што ми се случуваше многу ме погоди и не разговарав со никого. Живеев во тишина и се затворив во себе – вели поранешниот стопер на југословенската репрезентација во интервјуто што е снимено на стадионот во Крагуевац, каде што тогаш живеел и работел како магационер.
Спасиќ објасни и како западнал во финансиски проблеми.
– Кога ја завршив кариерата во 1996 година се вратив во Србија, тогаш почнаа моите проблеми. Компанијата во која инвестирав пропадна и после тоа бев во тешка ситуација. Морав да барам друга работа за да можам да живеам нормален живот. Некоја работа што не можев ни да замислам дека ќе ја работам – како магационер во фирма. Живеам од работа за која ме плаќаат 400 евра месечно. Бев во депресија, но кога се вратив во Србија имав пријатели кои дојдоа да ме посетат и со помош на луѓето од медицината успеав да се извлечам – изјави поранешниот фудбалер.
Спасиќ во својата кариера настапуваше за Раднички Крагуевац, Партизан, Реал Мадрид, Осасуна, Марбела и Раднички од Белград. За репрезентацијата на Југославија одигра и 31 натпревар, а беше член и на Светското првенство во 1990 година, кога ги одигра сите пет натпревари.