Радев: Бугарија не поставува нови барања за Северна Македонија, но не прифаќа промени на постигнатите договори
Македонија мора да го спроведе европскиот консензус од 2022 година и Бугарија нема да поставува нови барања, но во исто време не прифаќаме промени на постигнатите договори, порача бугарскиот претседател Румен Радев во разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста на Минхенската безбедносна конференција.
„Северна Македонија треба да започне со вистинско спроведување на европскиот консензус од 2022 година. Бугарија не поставува нови барања за европската перспектива на Северна Македонија, но ниту прифаќа промени на постигнатите договори, кои беа инкорпорирани во рамките на преговорите“, рече Радев.
Радев вели дека јасно изразената амбиција на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ претставува можност за проширување на просторот заснован на принципите на демократијата и владеењето на правото, што ќе ја зајакне стабилноста на регионот.
Услов за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ е вклучување на Бугарите во Уставот, што ВМРО-ДПМНЕ го смета за неприфатливо и бара измените да стапат на сила по завршувањето на преговорите.