Бугарија очекува изразената желба за дијалог и разбирање од претседателката Гордана Силјановска да стане конзистентна политика на Владата на Република Македонија. Ова, како што соопштија од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев, е ставот што тој и го пренел на претседателката Силјановска Давкова на денешната средба во Софија.
На средбата претседателот Радев истакна дека дијалогот на највисоко ниво меѓу двете земји треба да биде активен и да ја стимулира работата на владите, бизнисите, како и билатералната размена во областа на образованието, науката и културата.
Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Maкедонија и очекува таа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и преку неа да постигне решавање на отворените прашања во нашите односи. Тие треба да бидат воспоставени врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани во него и заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, едногласно одобрени од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на Македонија. , потенцира Румен Радев. Шефот на државата додаде дека ова е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на нашиот сосед во интерес на младите во земјата и ќе биде позитивен знак за целиот регион.
Претседателот Радев повика и на поактивни заеднички напори од страна на Бугарија и Република Македонија за изградба на транспортниот коридор 8, кој е од клучно значење за поврзувањето и безбедноста на Југоисточна Европа и ќе создаде нови квалитетни услови за бизнис , и промоција на инвестициите во регионалниот план, се наведува во соопштението на кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев дадено по средбата со претседателката на нашата земја Гордана Силјановска Давкова.