Радев со нови провокации: „Македонскиот алманах“ сведоштво за бугарскиот идентитет

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, повторно испрати провокативни пораки кон Македонија за време на официјалната презентација на фототипското издание на „Македонски алманах“, објавен во 1940 година во Индијанаполис од страна на Македонската патриотска организација (МПО).

Радев изјави дека за да се гради добрососедство и доверба, потребно е да се направи исчекор кон „историската вистина“ и дека сите политичари и млади треба да се свртат кон делото, кое според него претставува „непроценливо сведоштво за милениумскиот бугарски идентитет и јазик“.

„На страниците од оваа возбудлива книга гледаме како се одвива цела ера со своите стремежи, возбуда, идеи и идеали“, рече Радев, нагласувајќи дека алманахот е доказ за „вечната кауза на македонските Бугари и нивната борба за зачувување на бугарскиот дух“.

Тој додаде дека Македонците во САД, Канада и Австралија, обединети во редовите на Бугарското национално собрание, биле активни во создавање училишта, цркви и народни домови преку океанот, останувајќи силно посветени на „борбата за слобода и правда на македонските Бугари“.