РАДИОАКТИВЕН АЛАРМ – Шок на српската граница со Хрватска: “Тројца Хрвати се обиделе да пренесат опасен материјал!“
Тројца хрватски државјани се уапсени во саботата вечерта во Србија на граничниот премин Бездан, од каде што се обиделе да влезат во Хрватска со транспорт на скриена „глава“ од радиоактивен громобран.
Како што пренесува локалниот портал од Сомбор, Soinfo.org, сензорите поставени на граничниот премин детектирале присуство на радиоактивен материјал во автомобилот со кој тројцата хрватски државјани дошле на граничниот премин.
Сензорите наводно покажале предупредувачки знаци за нивото на радијација и присуството на „сериозна количина“ радиоактивен материјал.
Возачот и двајцата сопатници биле веднаш уапсени, а многу брзо, според Soinfo.org, во Сомбор отишле експерти од Институтот за нуклеарни науки во Винча, кои потврдиле дека во автомобилот има радиоактивен материјал.
Набрзо во багажникот, во резервното тркало била пронајдена „глава“ на радиоактивен громобран.
Како што објави порталот Blic.rs, автомобилот го управувал Л.М. (49 г.) од Хрватска. Заедно со него, како што објавија соседните медиуми, уапсени се и Д.Т. (36 г.) и А.Т. (40 г.).
Според информации на Jutarnji list, сите што биле во близина на радиоактивниот материјал, девет полицајци и еден цариник, морале да се ослободат од униформите, а потоа биле прегледани во болницата во Сомбор. Засега немаат никакви симптоми на зрачење, како повраќање, гадење, главоболки, промени на кожата и слично, но превентивно ќе се прегледаат на Институтот за медицина на трудот во Белград, каде што ја има сета потребна дијагностичка опрема за да открие дали дошло до навлегување на зрачење во телото.
Судот во Сомбор на тројца хрватски државјани им изрече мерка притвор од 30 дена поради опасност од бегство.
Радиотелевизија Србија (РТС) соопшти дека при преглед во багажникот на автомобил „ауди“ е пронајдена „главата“ на громобранот, а тројца хрватски државјани се осомничени за кривично дело внесување опасни материи во Србија и недозволена обработка, одлагање и складирање на опасни материи, изјавија претставници на Полициската управа Сомбор.
Осомничените се приведени и ќе бидат сослушани во Основното јавно обвинителство во Сомбор, објави РТС.
Инаку, во Србија на јавните станбени и деловни објекти беа поставени над 3.600 радиоактивни громобрани.
Иако тие мораа да бидат отстранети од сите згради уште во 2014 година, според порталот Novosti.rs од 2018 година, „радиоактивни громобрани се наоѓаат на 632 згради – станбени згради, комерцијални хали и други објекти низ Србија“.
Најмногу ги има во Кикинда (40), Бечеј (39) и Панчево (32), а речиси половина од општините и градовите имаат најмалку една или две згради заштитени со радиоактивен материјал.
Српската агенција за заштита од јонизирачко зрачење минатите години спроведуваше акција за нивно отстранување, но очигледно е дека работата до денес не е целосно завршена.