Рама: Албанија ќе извезува воени возила од најновата генерација

– Албанскиот премиер Еди Рама денес при посетата на Индустрискиот парк Тирана заедно со министерот за економија, култура и иновации Бленди Гонџа разговараше со претставници на стопанството и со вработени за стратегијата и политиката за вработување, а во таа пригода беше истакнато дека Албанија доживува важен момент на развој, особено во воената индустрија.

На разговорот присуствуваше и Арјета Пуца, чија компанија го направи првото оклопно воено возило „Made in Albania“, наречено „Шота“, а Рама рече дека Албанија работи на градење стратегиско партнерство со една од најголемите светски компании во областа на воената индустрија.

Тој нагласи дека Албанија ќе ја произведува најновата генерација воени возила што ќе се извезуваат на други пазари.

„Постојат неколку клучни работи за ситуацијата и перспективата што, според мене, се многу оптимистички поради неколку причини, но, пред сѐ, поради фактот дека денес Албанија доживува пресврт. Кога влегов овде, ја видов Арјета, која е најсилен лидер во претпријатието. Ми кажа дека работиме на создавање стратегиско партнерство со една од најголемите светски компании во областа на воената индустрија. Тоа партнерство наскоро ќе биде објавено и ќе ѝ донесе на Албанија не само стотици милиони инвестиции во воената индустрија, која ја создаваме од нула после многу тешки периоди, туку производите ќе бидат ‘Made in Albania’ и Албанија ќе извезува воени возила од најнова генерација на други пазари. Тоа е нешто што се случува денес, но не можеше да се случи пред неколку години“, изјави Рама.

Албанскиот премиер зборуваше за можностите што ќе бидат понудени за создавање шанси за вработување, со високи плати за образованите професионалци во воената индустрија.

„Во областа на воената индустрија во тек се и низа други иницијативи и јас сум оптимист. Можност да произведуваме во Албанија за нашите потреби, така што ќе создадеме многу силни стратегиски партнерства со големи играчи во овој сектор, а тоа ќе ни овозможи да бидеме во добивка, затоа што наш стратегиски избор е да ги купуваме во странство оние многу посебни работи што не може да ги направиме овде, додека голем дел од нашите потреби ги покриваме со домашно производство, создавајќи можности за вработување за добро образовани девојки, професионалци и момчиња со високо стручно образование. Во оваа индустрија платите се значителни“, рече Рама.

Тој откри и колкава би била минималната плата во воената индустрија.

„Во оваа фирма минималната плата е 700 евра за работници во санитарната служба, асистенти, кои по стекнувањето на потребното знаење по одреден временски период ќе добијат покачување. Просечната плата во фирмата што ја посетивме е 1.000 евра и овде не е единствена што има такви плати“, заклучи Рама.