Рамзан Кадиров ја потврди смртта на Евгениј Пригожин и испрати важна порака: “И јас му кажав…“

Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, сојузник на претседателот на Русија, Владимир Путин, чии сили често се бореа заедно со единиците на Вагнер во Украина, го пофали наследството на Евгениј Пригожин по авионската несреќа во која загина.

Долго време сме пријатели. Честопати моравме да ги решаваме најкомплицираните прашања“, рекол Рамзан Кадиров и го опиша Евгениј Пригожин како личност која се разликува од другите по брзината на реакциите, уникатните комуникациски вештини и упорноста.

Секогаш беше подготвен да помогне и навистина помагаше од срце“, додава тој.

Рамзан Кадиров

Рамзан Кадиров вели дека Евгениј Пригожин е важна личност на националната сцена, но во последно време не ја видел или не сакал да ја види целосната слика за тоа што се случува во земјата.

Го замолив да ги остави личните амбиции зад себе во корист на прашања од најголемо национално значење. Сè друго би можело да се реши подоцна. Но, токму таков беше, со своето цврсто однесување и желба да го добие она што го сака овде и сега“, истакнува Рамзан Кадиров и додава дека нема сомнеж дека Евгениј Пригожин дал голем придонес во војната во Украина и дека заслугата не може да се одземе од него.

Неговата смрт е голема загуба за целата земја“, вели Рамзан Кадиров.

Инаку, Министерството за одбрана на Велика Британија денеска соопшти дека се уште нема дефинитивен доказ дека лидерот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, бил во авионот што се урна на почетокот на неделава без преживеани, но „голема е веројатноста“ дека тој е мртов.

Руските власти соопштија дека Евгениј Пригожин бил наведен како патник во авионот што се урна северозападно од Москва во средата вечерта, два месеци откако тој го предводеше неуспешниот бунт против военото раководство на Русија.

Руските истражители започнаа истрага за тоа што се случило, но официјално не го потврдија идентитетот на 10-те тела извлечени од урнатините.

Сè уште нема дефинитивен доказ дека Евгениј Пригожин бил во авионот, тој е познат по спроведувањето на исклучителни безбедносни мерки. Сепак, голема е веројатноста дека тој навистина е мртов“, соопшти Министерството за одбрана на Велика Британија во ажурирањето на одбранбеното разузнавање објавено на социјалната мрежа X, порано позната како Твитер.

Смртта на Евгениј Пригожин речиси сигурно ќе има длабоко дестабилизирачки ефект врз групата Вагнер. Неговата хиперактивност, исклучителна смелост, желба за резултати и екстремна бруталност ја проникнаа паравојската и тешко дека ќе има сличен наследник“, се додава во соопштението.

Групата е дополнително обесхрабрена од извештаите дека основачот и теренски командант Дмитриј Уткин и главниот човек на логистиката Валериј Чекалов исто така починале“, тврди Министерството за одбрана на Велика Британија.