ГЕРМАНИЈА НА УДАР НА СТРАШНО НЕВРЕМЕ: Евакуирани 1.200 луѓе, целосно затворен градскиот воз во Минхен (ВИДЕО)

Јужна Германија ја зафати невреме, а неколку луѓе беа повредени во камп на езерото Констанца откако дрвја паднаа на целиот камп, поради што беа евакуирани 1.200 луѓе во текот на ноќта. Од невремето беа зафатени и железничките станици во тој регион.

Еден од камповите бил во Линдау, каде биле повредени шест лица, од кои едно потешко. Таму биле евакуирани околу 900 луѓе и уште околу 300 од кампот во Фридрихсхафен, на околу 30 километри.

И Линдау и Фридрихсхафен се градови во Баварија.

На друго место во јужна Германија, уште 10 лица беа повредени од летечки остатоци кога невремето погоди група мотоциклисти во Нордлинген, исто така во Баварија. Полицијата соопшти дека три лица се хоспитализирани.

Градскиот воз во главниот град на Баварија, Минхен, беше целосно затворен во текот на ноќта, а некои делници беа затворени и во петокот наутро, објави Дојче веле.

Во градот Фрајбург и во соседниот Баден-Виртемберг, полицијата соопшти дека примила 600 повици за инцидентите, вклучително и поплави во подрумите и улиците.

Според прогнозата, невреме се очекува и во петок, со грмежи во текот на денот и навечер, заедно со силно невреме кое ќе донесе дожд, град и ветер.