Нова студија покажа дека првите знаци на мултиплекс склероза (МС) можат да се појават до 15 години пред официјално да се дијагностицира болеста. Овие рани симптоми вклучуваат замор, болка и анксиозност, кои честопати остануваат незабележани бидејќи не се веднаш поврзани со оваа сериозна болест, објавува Дејли Меил.
Мултиплекс склерозата е автоимуна болест која ги оштетува мозокот и ‘рбетниот мозок, а вообичаените симптоми вклучуваат проблеми со одењето, видот, вкочанетост и мускулни спазми.
Раните знаци често се погрешно протолкувани
Научниците анализирале здравствени картони на 12.000 луѓе, следејќи ги нивните посети на лекар до 25 години пред појавата на познати симптоми на мултиплекс склероза. Резултатите покажуваат дека тие почесто посетувале лекари поради симптоми како што се замор, болка, вртоглавица, анксиозност и депресија уште 15 години пред дијагнозата.
Почести посети на психијатри се евидентирани и 12 години пред дијагнозата, а посетите на невролози и офталмолози поради проблеми со видот биле почести 8 до 9 години порано. Три до пет години пред дијагнозата, забележан е и поголем број посети на итната помош и радиолошки тестови. Непосредно пред самата дијагноза, бројот на специјалистички прегледи значително се зголемува.
„Нешто дефинитивно се случува многу порано отколку што мислевме“, вели д-р Марта Руиз-Алгеро, водечки автор на студијата. Професорката по неврологија д-р Хелен Тремлет предупреди дека овие рани симптоми лесно можат да се помешаат со други болести. Но, таа верува дека нивните наоди би можеле да помогнат во порано препознавање на болеста и навремено лекување.
Што е мултиплекс склероза?
Мултиплекс склерозата е хронична и моментално неизлечива болест која го оштетува нервниот систем. Може да предизвика сериозни мускулни грчеви, проблеми со одење, координација, говор и голтање. Иако самата болест не предизвикува смрт, може да доведе до компликации кои се опасни по живот.
Некои податоци покажуваат дека луѓето со мултиплекс склероза имаат до 75 проценти поголем ризик од смрт на помлада возраст. Најчесто се дијагностицира на возраст меѓу 30 и 50 години, но првите знаци можат да се појават години порано.
Раното откривање може да го забави текот на болеста
Експертите сè уште не ја знаат точната причина за зголемениот број на заболени. Можни фактори вклучуваат вирусни инфекции, недостаток на витамин Д, пушење, дебелина и стрес. Иако не постои лек за мултиплекс склероза, раната дијагноза овозможува започнување на терапија што може да го забави напредувањето на болеста.
Видот на третман зависи од формата на болеста:
- Рецидивирачки-ремитентирачки – симптомите се менуваат со периоди на подобрување
- Секундарно прогресивна – симптомите постојано се влошуваат
- Примарно прогресивна – симптомите се влошуваат без подобрување
Терапијата може да вклучува имуномодулаторни лекови, стероиди, лекови против болка и против спазми, физиотерапија и рехабилитација на менталните функции.