Вкупно 229 милиони денари се достапни за проекти од областа на животната средина за 2025 година, соопшти денеска на прес-конференција првиот вицепремиер на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, по повод објавувањето на јавниот конкурс за доделување средства од Програмата за инвестирање во животната средина25 за 20 година.
Тој нагласи дека програмата има за цел да поттикне и финансира проекти и активности кои придонесуваат за заштита, подобрување и одржливо управување со животната средина – како еден од клучните фактори за здравјето и квалитетот на животот на граѓаните. Воедно, Меџити апелираше до сите општини, здруженија на општини, граѓански организации и институции активно да се вклучат во овој процес.
„Вкупната сума што ја дистрибуираме годинава е 229 милиони денари: од кои 100 милиони денари за изработка на техничка документација и изградба на канализациони системи и системи за одведување и третман на отпадни води, 100 милиони денари за изработка на техничка документација и изградба и подобрување на системи за водоснабдување, 10 милиони денари за развојни, едукативни и истражувачки проекти. подигање на јавната свест, едукација и обука за заштита на животната средина“, рече министерот Меџити.
Процесот на селекција и распределба на средствата, појасни, ќе се одвива на транспарентен и објективен начин, со јасно дефинирани критериуми. Апликациите ќе се оценуваат врз основа на повеќе параметри, вклучувајќи ја организациската структура, буџетската ефективност, влијанието на проектот и усогласувањето со националните стратегии. Рокот за пријавување е три недели, а формуларите за аплицирање се достапни на веб-страницата на Министерството и се прилагодени на типот на апликант – со цел да се олесни и поедностави процесот.
Посебен поттик доби стартапите и технолошките компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
„Овој конкурс е вистинска можност за сите оние кои имаат визија, идеи и капацитет да придонесат за почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – да ја искористат оваа можност“, повика министерот Меџити.
Резултатите од Конкурсот ќе бидат јавно објавени откако ќе заврши процесот на оценување, беше истакнато на прес-конференцијата.