Бројот на странци кои за првпат побарале азил во некоја од земјите членки на Европската Унија (ЕУ) пораснал за над 64 отсто во 2022 година, за разлика од годината претходно.
„Станува збор за лица кои за првпат се јавуваат како баратели на азил во одредена земја на ЕУ, а ова ги исклучува повторените апликанти (во таа земја) со што попрецизно го одразува бројот на новопристигнати луѓе кои аплицираат за меѓународна заштита“, велат од европската статистичка организација Евростат, пренесе ТРТ Балкан.
Според неодамна објавените податоци, лани биле регистрирани 881.200 странци кои за првпат поднеле барање за меѓународна заштита во земјите на ЕУ. Само за споредба, во 2021 година ова го сториле 537.400 странци.
Ова следи по значителниот пад во 2020 година кога избувна пандемијата од Ковид-19. Тогаш е регистриран најмал број на барања за азил-417.100.
Сепак, рекордите се забележани во 2015 и 2016 година, кога поради војната во Сирија имаше по над 1 милион апликанти во двете години.
Привремена заштита на над 4 милиони поради војната во Украина
Во 2022 година, членките на ЕУ доделија 4.331.200 статуси на привремена заштита на граѓани кои не се членки на ЕУ кои бегаат од Украина поради инвазијата на Русија. На 31 декември 2022 година, привремена заштита во ЕУ имаа 3.826.600 граѓани кои не се членки на ЕУ.
„Разликата меѓу двете претходни бројки одговара на престанокот на статусот на привремена заштита бидејќи поранешните корисници на привремена заштита во меѓувреме ја напуштиле земјата или добиле друг статус“, објаснуваат од Евростат.
По воената агресија на Русија против Украина, имаше голем пораст на украинските баратели на азил (361,2 отсто повеќе во споредба со 2021 година). Во 2022 година, бројот на баратели на азил со украинско државјанство беше на 11-то место меѓу сите државјанства, со 24.720 барања (2,8% од вкупниот број во ЕУ).
Најмногу баратели на азил од Сирија и Авганистан
Жителите на Сирија, Авганистан и Венецуела поднеле најмногу барања за азил во земјите-членки на ЕУ во 2022 година.
Од 2013 година, Сирија останува главната земја чии граѓани бараат азил во ЕУ. Во 2022 година, бројот на сириски баратели на азил во ЕУ се зголеми на 131.970 (од 98.900 во 2021 година), но нивниот удел во вкупниот број првпат баратели на азил во ЕУ се намали од 18,4 отсто на 15 отст .
Авганистанците се втори најзастапени баратели на азил и тоа четврта година по ред со 113.495 баратели или 12,9 отсто од вкупниот број на баратели во ЕУ.
Најмногу барања за азил во Германија и во Франција
Со 217.735 апликанти регистрирани во 2022 година, Германија сочинуваше 24,7 отсто од сите нови баратели на азил во ЕУ. По неа следуваа Франција со 137.510 баратели или 15,6 отсто од вкупниот број и Шпанија со 116.135 баратели или 13,2 отсто.
Најмал број на нови баратели на азил во 2022 година е забележан во Унгарија (45), Словачка (500) и Латвија (545).