Расте бројот на заболени со ковид-19 во Белгија, но засега нема причина за паника, сметаат лекарите
Бројот на заразени со Ковид-19 во Белгија бележи раст во последниве недели, но според вирологот на белгискиот Национален здравствен институт „Сајнсано“, Стивен Ван Гухт, засега нема причина за паника.
Како што објави „Брисел Тајмс“, анализите во последните недели утврдиле зголемување на концентрацијата на вирусот во отпадните води, што се смета за релевантен показател за зголемен број инфекции меѓу граѓаните.
Зголемувањето започна на почетокот на август, иако вообичано порастот започнува во септември. Немаме добро објаснување за тоа. Ако се погледнат апсолутните вредности, бројките засега се уште ниски – особено во споредба со претходниот бран, изјави Ван Гухт за Фламанското радио, посочувајќи дека тоа не е случај само во Белгија, туку и во други земји.
Како и во претходните години, експертот предвидува пораст на бројот на инфекции во октомври и ноември.
Училиштата повторно проработуваат, а луѓето остануваат многу повеќе во затворени простории. Како што знаеме тие работи имаат влијание врз вирусот, вели Ван Гухт.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во Белгија во овој период циркулираат пет до шест варијанти на Ковид-19.
Од 26 април годинава, лицата во Белгија кои се позитивни на корона вирусот повеќе не се обврзани да одат во карантин. Според Ван Гухт, карантинот како мерка веројатно нема повторно да се воведе.
Никогаш не вели никогаш, но враќањето на ригорозните мерки би ме изненадило. Треба да престанеме да размислуваме за тие термини. Тоа беше во периодот на пандемијата. Сега сме во следната фаза, изјави Ван Гухт.
Сепак, според него, препорачливо е оние лица кои ќе ги почувствуваат симптомите на Ковид-19 да останат дома.
Тоа важи за секоја болест. Се разбира, носењето маски, миењето на рацете и тестирањата треба да останат добра практика, посочува белгискиот виролог.
Кон средината на септември во Белгија ќе започне кампањата за вакцинација против Ковид-19, но според Ван Гухт, младите и здравите лица немаат потреба од ново вакцинирање, туку тоа првенствено се препорачува на луѓе постари од 65 години и на хронично болите.
Потребно е да се стекне што е можно поголем имунитет пред зимата и сезоната на респираторни вируси, заклучи Ван Гухт.