РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ ВО ЈАПОНИЈА: Над 200 лица се водат како исчезнати во земјотресот

Јапонија ги засили операциите за пребарување и спасување во областа Ишикава, уништена од силен земјотрес на првиот ден од Новата година, распоредени се дополнителни полициски и сили за цивилна заштита, а официјалните податоци за 94 жртви се проследени со веста дека повеќе од 200 лица се водат како исчезнати.

Јапонската агенција Кјодо соопшти дека спасувачите се соочуваат со тековни предизвици поради големите штети на инфраструктурата, лизгањето на земјиштето и последователните потреси откако полуостровот го погоди првиот земјотрес со јачина од 7,6 степени.

Околу 160 луѓе се изолирани поради скршени патишта, додека околу 27.000 домови се уште се без струја, а околу 68.000 се без вода за пиење во префектурата Ишикава.

Се очекува дека периодот на евакуација најверојатно ќе биде продолжен, а јапонските медиуми јавуваат дека во најзагрозените подрачја треба да пристигнат залихи од најпотребните работи.

Експертите сметаат дека раседот, кој го предизвика големиот земјотрес во централна Јапонија, би можел да се протега на околу 150 километри под полуостровот Ното, а не се исклучува можноста за дополнителна сеизмичка активност.