Расте и цената и побарувачката на станови во Штип. На пазарот годинава се продадени повеќе нови, отколку стари станови. Податоците на даночното одделение на Општина Штип покажуваат дека во трите квартали има пораст од 35% на продадени станови, во споредба со лани.
„Во 2025 до денеска, продадени се и поминати низ системот на општината 190 станови од кои 110 се нови изградени или споредбено со 2024, во цела година имало 125 нови продадени станови, што значи дека се забележува тренд на зголемување на продажбата. Инаку, вкупната вредност на поминатите договори во општината за новите станови е околу седум милиони евра“, вели Драган Каров од одделението за даноци во Општина Штип.
Од овие средства, општината инкасира 4% од вредноста на купопродажните договори, што значи дека во лoкалниот буџет само по овој основ се прибрани 280.000 евра. Становите се градени во изминатите години и затоа се продаваат по пониски цени, додека цената за метар квадратен за становите кои во моментот се градат постојано се зголемува.
Во Штип нови станбени згради се градат во централното градско подрачје, но и низ населбите. Граѓаните бараат и купуваат станови независно од локацијата и нема групирање на нови станбени згради само во еден дел од градот. Ако изминатите години во Штип станови купуваа државјани на Турција за своите деца кои студираат, оваа година купувачите се, пред сè, македонски државјани. Инаку, цената за метар квадратен во новоградба во Штип достигна и до 1.380 евра.