Министерот за заедници и враќање во Владата на Косово, Ненад Рашиќ, изјави дека тројцата Срби кои вчера поднесоа одставки од косовската полиција, се жртви на „таргетирања, навреди, понижувања, со закани кон нив, но и кон нивните семејства“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Рашиќ, кој е член од редовите на српското малцинство во владата предводена од Албин Курти, во објава на Фејсбук што ја пренесе неговото Министерство, вели дека „веројатно нема ниеден косовски Србин кој барем еднаш не ги почувствувал лично свирепите закани од страна на ‘невидливи планински сили‘“.
– Вчера тројца млади полицајци дадоа отказ на своите работни места на кои речиси не ни почнаа да работат. Тие својата кратка кариера ја започнаа, а и ја завршија со таргетирања, навреди, понижувања, со закани кон нив, но и кон нивните семејства. За жал, веројатно нема ниеден косовски Србин кој барем еднаш не ги почувствувал лично свирепите закани од страна на „невидливи планински сили“ која со своите деструктивни методи ги уништува секое дело и секоја желба за живот во нашето убаво Косово, напиша Рашиќ.
Според него, во изминатите 11 години нанесена е непоправлива штета за опстанокот на Србите во Косово.
– И, нормално, тука не е крајот, ни велат дека тие „ќе се борат“ до последниот косовски Србин. Што ли сме му згрешиле на Бога…, напиша Рашиќ.
Тој им порача на младите Срби кои во последните месец дена пристапија кон Полицијата на Косово дека знае низ што поминуваат тие и нивните семејства.
– Бригада бездушни платеници нé следи со задача да ни ги украде плановите и соништата, да ни ги уништи семејствата и животите, да ја исцицаат нашата крв и волја за живот, додека не станеме зомби кои бесцелно талкаат по нашите огништа, на кои секогаш сме биле најгорди. Можеби не ве познавам лично, но верувајте добро ја знам суровата методологија на нивната работа и знам колку е тешко да се остане совесен и морален во ненормалните и неморални услови кои насилно ни се наметнуваат, порача Рашиќ.
Министерот за заедници и враќање им вети на новите припадници на косовската полиција од редовите на срспкото малцинство дека ќе ги поддржи „со сиот личен и институционален капацитет“.
– Мојата врата ќе биде отворена за сите вас. Јас лично, како и Министерството за заедници и враќање, се ставаме на ваше располагање, за да ви помогнеме на секој можен начин заедно да ги победиме нашите стравови, предизвици и сомневања, напиша Рашиќ.
По колективните оставки на припадниците на косовската полиција од српска националност во неомври минатата година, минатиот месец на полицијата ѝ пристапија 74 нови полицајци од редовите на немнозинските задници. Од нив 45 се Срби, 16 Бошњаци, тројца Турци и осум припадници на заедницата РАЕ – Роми, Ашкалии и Египќани. Меѓутоа, според медиумите во Приштина, младите Срби кои влегоа во косовската полиција се постојано под притисок на „насилните експоненти“ од косовскиот север, за кои се вели дека се под директна контрола на Белград.
Реагирајќи на оставките, претседателката на Косово, Вјоса Османи вчера оцени дека тие се директна последица на постојаните закани и заплашувања врз припадниците на српската заедница во Косово од страна на Србија.
Таа порача дека притисоците врз косовките Срби се доказ дека Белград продолжува да се служи со тактиките на поранешниот српски водач Слободан Милошевиќ, кој во 2006 година почина во притворот на меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија во Хаг, додека траеше судскиот процес против него.
– Оставката на полицајците припадници на српската заедница е директна последица на постојаните закани и заплашувања од страна на Србија – потврда дека нејзините политики продолжуваат да ги отсликуваат тактиките на Милошевиќ. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме сеопфатност во сите институции и едно Косово кое е побезбедно за сите, напиша Османи на Твитер.
Загриженост поради оставките на тројцата полицајци од српска националнот во косовската полиција, меѓу другите, изразија и шефот на мисијата за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, Ѓовани Пјетро Барбано, како и амбасадорите на САД и Германија, Џефри Ховениер и Јорн Рохде.