Реакции во Албанија за случувањата во Косово – Бегај: Да не се користи никаков изговор за да се спречи спроведување на договорот од Брисел и Охрид
По последните случувања во Косово реагираше албанскиот држaвен врв, министри, како и лидери на политичките партии.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај во денешната реакција најостро ја осудува „злоупотребата на српското население на северот на Косово и неприфатливото насилство врз мировните трупи на КФОР“.
Во реакцијата на социјалните мрежи Бегај наведува дека „не може да се користи никаков изговор за да се спречи целосното спроведување на договорот од Брисел и Охрид, што го покажува вистинскиот начин за решавање на отворените проблеми и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“.
– Никој не може да го доведе во прашање суверенитетот и интегритетот на Република Косово, како и нејзиното право да гради и консолидира демократски и мултиетнички институции. Јавно го повторувам мојот братски апел до косовските власти за повеќе трпение и разумност и особено тесна координација со нашите партнери, напиша Бегај.
Претходно реагираше премиерот Еди Рама упатувајќи апел до косовските државници „да ги слушаат сојузниците за да не се навлезе подлабоко во опасниот пат“. Според него „колку подолго трае овој опасен и непотребен конфликт, толку повеќе е повредено Косово“.
Шефицата на дипломатијата Олта Џачка меѓу другото во реакцијата наведе дека „дијалогот со посредство на ЕУ е патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија и заемно признавање што ќе обезбеди трајна стабилност во нашиот регион“.
Реагираше и министерот за одбрана Нико Пелеши, кој изрази загриженост за ситуацијата, додавајќи дека „најостро го осудува насилството употребено врз војниците на КФОР, кои се обидуваат да ја гарантираат безбедноста на граѓаните таму“.
– Дијалогот и намалувањето на тензиите се единствено решение за добар соживот и стабилност во регионот, порача Пелеши.
Поранешниот шеф на албанската држава и актуелен лидер на Партијата на слободата, Илир Мета во реакцијата на социјалните мрежи наведува дека „најостро ги осудува неиспровоцираните и целосно неоправдани напади врз силите, новинарите и институциите на КФОР“.
Нагласува дека „ниту КФОР ниту косовската полиција не нападнале граѓанин од која било етничка припадност“.
– Во најдобар интерес на граѓаните е страните да покажат воздржаност, со што би се деескалирала конфликтната ситуација, која најмногу се чини дека е поттикната од намерите на третите актери, кои не сакаат да има траен мир, туку постојан конфликт и нестабилност. Вучиќ треба да ја тргне војската од границата на Косово. Дијалогот со посредство на ЕУ не смее да биде компромитиран во неговиот успех, подвлекува Мета.
Според него, „Албанија секогаш и безусловно ќе биде на страната на Косово и на страната на НАТО за да го гарантира мирот и безбедноста во регионот“.