Реал ја постави границата колку е подготвен да го плати Мбапе

КИЛИЈАН МБАПЕ во овој преоден рок би требало да го напушти Пари Сен Жермен и да потпише за Реал Мадрид. Во таа насока одат и информациите од светските медиуми и упатените, а кога ќе се случи трансферот ќе биде на рекордно високо ниво. Рекордот и понатаму го држи Нејмар, за кого ПСЖ во летото 2017 година и плати 222 милиони евра на Барселона.

Францускиот напаѓач најверојатно ќе биде повеќе платен. Шпанскиот новинар Рамон Алварез де Мон, кој меѓу другото објавува за Марка, а шпанските медиуми го претставуваат како личност со многу силни извори поврзани со Мбапе и неговиот случај, ја истакна бројката која Реал нема да ја надмине при евентуален трансфер.

Станува збор за 230 милиони евра. Толку се подготвени да потрошат во Мадрид за 24-годишниот напаѓач кој одигра 260 натпревари за ПСЖ со фантастичен учинок од 212 гола и 98 асистенции. Наведената сума изразена во милиони евра е конечна, Реал нема да ја надмине, а свесен е и ПСЖ, изјави шпанскиот новинар.