Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски одликуван со престижното фарнцуско одличје „Витез од редот за заслуги“
– На ректорот на УКИМ, еминентен професор на Медицинскиот факултет во Скопје и еден од најпознатите абдоминални хирурзи Никола Јанкуловски вечерва во француската резиденција за значајниот придонес во фарнцуско – македонската универзитетска соработка му беше врачено престижното признание „Витез од Национален ред за заслуги“ на Република Франција.
Во присуство на блиските, соработници, пријатели, министрите за здравство и за образование Беким Сали и Јетон Шаќири, гувернерката на НБ Анита Ангеловска Бежовска, на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан и монсињор Киро Стојанов католички бискуп на Скопската бискупија, како и Струмичко-скопски епарх на Католичката црква, и бројни гости од политичкиот, економскиот и културниот живот во земјават одликувањето му го врачи францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
-Покажавте голема отвореност за различни форми на соработка со Франција. Од вашето именување за декан на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 2009-та, благодарение на добрата соработка Францускиот институт успеа да реализира повеќе настани во амфитеатарот на Деканатот како „Празникот на науката“ и бројни конференции од областа на физиката, медицината и радиофармацијата. Од вашиот избор за ректор на УКИМ во 2016 година оваа соработка вклучува и нова димензија. Тука мислам на потпишувањето на Договорот со Универзитетската агенција за франкофонија кој овозможи отворање на Центарот за универзитетска успешност во септември 2018 година во кругот на кампусот на Универзитетот – проект кој се чекаше со години а се реализираше благодарени на вас, рече меѓу другото францускиот амбасадор, нарекувајќи го Јанкуловски пријател на Франција.
Бомгартнер се осврна на силната поддршка од ректорот Јанкуловски и за издавањето двојна диплома по применети странски јазици помеѓу УКИМ и Универзитетот во Кајен, а особено го подвлече деблокирањето на средствата од Константин Стојанов во рамки на Фондацијата што го носи името на овој богат македонски покровител и можноста тие да се користат за универзитетската мобилност со Франција, особено на студентите од Катедрата по фарнцуски јазик и книжевност.
Ректорот Јанкуловски нагласи дека ова одликување го смета за голема привилегија и чест, но и голем мотив да продолжи по патот кој го одбрал – да и служи на својата земја, но и да придонесува за пријателството и соработката меѓу двете земји.
-Целокупниот личен и професионален капацитет ќе го насочам за продолабочување на соработката меѓу нашите две земји нашата земја Република Македонија и Република Франција, посебно во делот на академската соработка која отвора многу предизвици, идеи, многу можности и многу хоризонти за нас, и создава дополнителни вредности како што се слободната мисла, демократијата, просперитетот и благосостопјбата на граѓаните од нашата земја, рече меѓу другото Јанкуловски.
Тој се согласи со амбасадорот дека настан кој означува пресврт во нивната соработка е токму успехот по повеќегодишни заеднички напори отворањето на Центарот за универзитетска успешност во септември 2018 година во кругот на кампусот на Универзитетот УКИМ, и пристапот до средствата на Фондацијата на Константин Стојанов, Македонец кој долги години живеел и работел во Франција, а која била формирана во далечната 1973 година на УКИМ. Во овие активности во кои биле вклучени повеќе институции, првата транша била реализиарана во 2021 година согласно статутот на Фондацијата, а досега од страна на УКИМ се распишани два конкурса за студентите по француски јазик и книжевност од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
-Со оваа Фондација ние направивме еден голем исчекор, со што се овозможени стипендии за прв, втор и трет циклус на студии за студентите кои студираат на програмата за француски јазик и литература…Искрено посакувам, очекувам, се надевам и сум убеден дека ваквата успешна соработка ќе продолжи и понатаму и ќе се интензивира и со нови форми и модалитети, рече Јанкуловски посочувајќи на голем универзитетски проект со кој Универзитетот во Кајен аплицира за европски средства, а во кој учествуваат повеќе земји меѓу кои и нашата земја.
Одликувањето „Витез од Национален ред за заслуги“ на Република Франција, е воведено 1963 година од францускиот претседател Шарл Де Гол и едно од најпрестижните одличја што Франција го дава на лица за особени заслуги за Републиката.