Ременски: МВР никогаш не кажа дали издала дозвола на фирмите Сајшарк и Сајтрокс, да произведуваат и тргуваат со софтвер за следење на комуникации
Министерството за трговија на САД соопшти дека македонската компанија ,,Сајтрокс” се најде на ,,црната листа” на САД поради шпиунски софтвер заедно со уште три други фирми поврзани со развивање на шпионски софтвер од Грција, Ирска и Унгарија.
Според соопштението на Министерството за трговија на САД овие фирми работеле спротивно на американската национална безбедност и надворешно политичките интереси на САД. Компаниите се санкционирани поради обиди да добијат пристап до информациски системи со цел да ја загрозат приватноста и безбедноста на поединци и на организации низ светот.
На сето ова свој коментар даде и професор Фросина Ременски која целиот овој случај го искоментира преку фејсбук статус. Во продолжение ви го пренесуваме нејзиниот статус во кој се опишани детали за овој случај:
- ДА НЕ ТРЕБА ДА МУ СЕ ИЗВИНАМ НА ИВО МАЛИНКОВСКИ – САЈШАРК, САЈТРОКС, СИНТЕЛЕКСА … ЗА ПРЕДАТОРОТ
Денес на црната листа на САД се најде македонската фирма Сајтрокс на Иво Малинковски која претходно (2021) беше блокирана од Фејсбук за сајбер шпионажа и трговија со шпионски софтвер Предатор.
Тогаш малкумина скоро никој пишувавме за тоа – Призма и јас на мојата веб-страница.
Од крајот на 2021 година, цела 2022 и почетокот на 2023 година освен што ја разобличив шпионската израелска шема и македонските “вински” врски и шеми за затајување милионски даноци на промет и добивки, ниту една институција или медиум во државата не пројави интерес за да ги истражи фрапантните бројки и факти од Централниот регистер и други институции. Драго ми е што тоа го направи тимот од САД.
МВР никогаш не кажа дали издала дозвола на фирмите Сајшарк и Сајтрокс, да произведуваат и тргуваат со софтвер за следење на комуникации на барањата од Иво Малинковски во 2017 година.
Згора на тоа, ЕУ до денес во континуитет преку надзорен комитет Пега пишува за Иво, за шпионските софтвери, Предатор, Пегасус и за националната безбедност на ЕУ. Тоа во екот на скандалот во Грција со Предатор и содружниците на Иво Малинковски.
Да биде поинтересно, кога зборував јавно на овие теми на 24 Вести и на Слободен печат се огласи Иво Малинковски со некаков “демант” што не е демант и на медиумите што ме пренесоа им пушти предупредување преку адвокат, дека ќе ги тужи ако не ги повлечат вестите.
Таа вест беше прва од четирите што ги објавив и нормално, никогаш не му се извинив на Иво. Чекав да ме тужи за да го направам популарен преку суд со брдо документи, зошто тешко кој така млад врти милиони, прави разузнавачки шеми, тема број еден е во сите европски извештаи и светски медиуми за шпионажа, а кај нас име не му се знае, а камоли да се истражи колку данок должи на УЈП и што се’ сервира како услуги.
Скоро никој име не му спомна, ниту детали од структурните шеми на фирмите, профитите, Израелците-разузнавачи во нив и милионските профити.
Неговиот партнер Тал Дилијан понуди пакет за сајбер услуги и на Украина лани со се’ Предатор за 14 мил., ама Украинците одбија.
Кај нас целиот (де)фокус се фрли на некаков нацрт договор со/за ОТА, а никој никакво име и поврзаност на луѓето не направи како главен фокус .
Сите се плашат од тужби.
Се наредија потоа еден-два текста со многу голема новинарска внимателност која ја разбирам, но не можам да ја сфатам ако сторијата навистина е изворна – од прва рака и докажлива.
Мене Иво Малинковски не ме тужеше, не му се извинив. Ќе чекам со ист “демант” да се обрати на САД и Амбасадата, а може и на ЕУ ако сака. Ако му се извинат тие, тогаш ќе му се извинам и јас.
До тогаш, ќе чекам да видам што ќе направат УЈП, Финансиска полиција, МВР и ОЈО на Јовевски на кого лично му ја доставив пријавата во октомври 2021 година.