Ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ се стекнуваа со знаење и вештини ако евентуално бидат затрупани од лавина
Ренџерите од Националниот парк „Шар Планина“ деновиве имаа обука за лавини, односно се стекнуваа со знаење и вештини за лична безбедност ако евентуално бидат затрупани од лавина, како и за безбедност на посетителите. Снегот, кој за разлика од изминатите години оваа го има во изобилство, создава реална опасност од лавини на повисоките предели на планината.
Ренџерите од НП „Шар Планина“, кои и во овој период постојано се на терен, постојано се изложени на опасност од лавини, па затоа оваа обука беше наменета за нив.
„Обуката најмногу беше наменета за лична безбедност на ренџерите затоа што тие се движат низ планината и по терени каде има потенцијален ризик од лавини. Тоа не значи дека намерно одат натаму, меѓутоа никогаш не може да се знае што ќе се случи. Обуката ја водеше еден од нашите вработени кој веќе има поминато ваква обука. Тој ги обучуваше своите колеги како да ја користат опремата која ја набавивме минатата година, како да прават лавински профили, стабилност на снежна покривка, откопување на затрупани лица од лавина. Лавината е еден од најголемите ризици во зима, а поради оддалеченоста на терените, периодот да се спаси некој кој е затрупан со лавина е многу краток, најмногу 10 до 15 минути, што значи дека спасувачот треба да биде присутен на самото место за успешно да реагира. Затоа скијачите, планинарите и другите посетители на планината да не одат на ризични терени со мисла дека ако бидат погодени од лавина некој ќе ги спаси. Значи, оваа обука беше наменета за личната безбедност на вработените од Националниот парк кои се движат низ планината и на потенцијално опасни места. Затоа тие со себе носат трекер, па доколку некој биде затрупан, преку сигналот кој го емитува трекерот и со помош на сонда може брзо да биде пронајден од своите колеги и да биде спасен“, вели Анела Ставреска-Панајотова, раководителка на Секторот за заштита на природата во Националниот парк „Шар Планина“.
Панајотова вели дека секој наклон на снегот поголем од 30 степени е потенцијален ризик од лавина, а на Шар Планина има повеќе такви места.
„Еден врв на Шар Планина го носи името Плат, што на албански јазик значи лавина. Исто така, кога се оди на Титов Врв има две патеки: летна и зимска. Во зима не се оди по летната патека токму затоа што постои голема опасност од лавини. И не само овие, постојат многу места на планината кои се ризични и треба да се избегнуваат“, додава Панајотова.
Најголемата снежна лавина во Македонија се случила ноќта меѓу 10 и 11 февруари 1956 по долината на Радика во околината на селата Рибница, Торбешки Мост и Стрезимир. Огромната лавина тргнала од планината Кораб и се урнала врз куќи и врз бараките во кои биле сместени градителите на мавровскиот хидроенергетски систем. Во лавината биле затрупани стотина луѓе, а спасувачките екипи успеале да извлечат само половина од нив, додека 52 лица загинале.