РЕС ЌЕ ПОЧНЕ ДА СНАБДУВА ДРЖАВНИ И ЛОКАЛНИ ИНСТИТУЦИИ СО ПОЕВТИНА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА

Фирмата за трговијата со електрична енергија РЕС (Renewable Energy Supply), во следниот период ќе го прошири своето работење со дел од државните и локалните институции, каде ќе даде поволни понуди за снабдување со електрична енергија.

РЕС досега снабдуваше исклучиво компании од приватниот сектор, но со оглед на тешката ситуација во која се најдоа институциите поради високите сметки за електрична енергија,  дел од нив упатија повици за учество со цел зголемување на конкуренцијата.

РЕС, пред се, ќе понуди поевтина електрична енергија на општините за јавното осветлување во ноќните часови, што како јавна услуга се најде прво на удар на мерките за штедење во текот на енергетската криза.

Со тоа се очекува дел од општините да ги надминат проблемите со обезбедување на енергија за уличното осветлување, што беше загрозено од високата цена на струјата и доведе до тоа општините да не можат да ги сервисираат исклучително високите сметки, што секако неповолно се одрази на безбедноста на граѓаните, сообраќајното движење и целокупното урбано живеење.

РЕС моментално ја формира најголемата балансна група кај нас, со 270 компании од приватниот сектор, чија годишна потрошувачка изнесува 250 GWh електрична енергија.