Речиси 1 милион луѓе избегаа од Рафа во последните 3 недели

– Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) вчера соопшти дека во последните три недели, речиси 1 милион Палестинци избегале од Рафа, што се наоѓа во јужниот дел на Појасот Газа.

„Во изминатите 3 недели околу 1 милион луѓе побегнаа од Рафа“, се вели во соопштението на УНРВА на профилот на социјалната мрежа X.

Се додава дека масовното бегство на луѓето од Рафа се случува и покрај тоа што никаде не е безбедно да се оди за време на бомбардирањето и со недостаток на храна и вода.

Агенцијата предупреди дека обезбедувањето помош и заштита на луѓето станало „речиси невозможно“ и го повтори својот повик за итен прекин на огнот.

Пред започнувањето на израелската воена операција врз Рафа на 6 мај, овој град беше дом и засолниште на над 1,5 милиони раселени Палестинци кои ги напуштија своите области низ Појасот Газа поради израелските напади што започнаа на 7 октомври 2023 година.

Израелската Армија го засили својот упад во Рафа со силно гранатирање и бомбардирање, принудувајќи илјадници луѓе да побегнат од западна Рафа кон Хан Јунис и областите во централниот дел на Појасот Газа.

Засилениот израелски упад во Рафа ја прави израелската Армија блиску до целосна контрола на граничната област меѓу Појасот Газа и Египет, позната како коридор Филаделфи, демилитаризирана тампон-зона што се протега покрај границата Газа – Египет.

Израелската Армија досега презеде контрола над речиси две третини од областа на коридорот додека напредува преку силно бомбардирање и гранатирање.

Израел продолжи со својата брутална офанзива врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот.

Најмалку 36.050 Палестинци се убиени во Газа, огромно мнозинство се жени и деца, а над 81.000 други се повредени од октомври по нападот на Хамас.

Повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде е наметната и целосна блокада на храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Газа каде што засолниште најдоа над милион раселени Палестинци.