Речиси 100 волонтери ќе пошумуваат oпожарeна површина во Беровско

Речиси 100 волонтери, вработени на Комерцијална банка, средношколци од Берово и Пехчево како и извидници, оваа среда, на 20 ноември, во Беровско, с.Будинарци ќе учествуваат во најголемото европско волонтерско пошумување на опожарени површини со популарната Боренка. Ова воедно е и прва акција од 3-та сезона, а 13-та по ред акција за пошумување во програмата Боренка, која годинава се одржува трета година по ред. Акцијата за пошумување ќе се одржи на 20 ноември.

Оваа среда на Боренка ќе учествуваат претставници од Сојуз на извидници на Македонија, шумари и експерти од Национални шуми, подружница Берово, ученици и наставници од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово и нашите Зелени поборници, волонтери од Комерцијална банка, кои ќе посадат 6.000 садници на површина од два хектари опожарена земја.

На настанот на сите волонтери им се обезбедени садници, работни ракавици, алат за садење, стручен надзор од експерти од Национални шуми, вода, храна и овошје.

Досега Боренка има посадено повеќе од 55.000 садници, вклучено повеќе од 2.000 волонтери, пошумено над 13 хектари опожарена површина, а во над 80 едукативни работилници беа вклучени повеќе од 10.000 деца од повеќе од 40 основни училишта низ земјава.

Комерцијална Банка како Зелен поборник на Боренка активно се вклучи во едукацијата во текот на целата година, каде повеќе од 1.000 деца со помош на јаглен – изгорени дрва нацртаа стебла и ги засадија во виртуелната шума на Боренка. Во среда сите тие стебла ќе станат вистински садници, засадени во опожарениот источен регион.

Иницијативата Боренка за пошумување на опожарени подрачја е во организација на Сојуз на извидници на Македонија и ЈП Национални шуми.