Третиот случај на конго-кримска хеморагична треска кај нас е 42-годишен велешанец, а можниот начин на зараза е неговото рибарење покрај дел на Вардар, каде што има доста влага, каде што има трева, трња и слично. Ова денеска во изјава за медиумите го соопшти директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ.
Таа информираше и дека епидемиолози, како и Агенцијата за храна и ветеринарство и Факултетот за ветеринарна медицина, се вклучени во следењето на состојбата со конго-кримска хеморагична треска и работат на терен, заловуваат и испитуваат инсекти.
Стевановиќ појасни дека конго-кримска хеморагична треска ја пренесува крлеж. Но, како што посочи, таа може да биде пренесена и од консумирање на несоодветно или млеко, месо, што не е третирано добро.
– Најчесто се пренесува кај луѓе кои се професионално оптоварени, здравствени работници во текот на работата со пациентите, сточарите, риболовците, ловџиите со диви укасувања од инсекти. Оние кои ги колат и обработуваат месните продукти на евентуално заболени животни. Тоа е начинот на пренос, додаде Стевановиќ.
Конкретно кај овој, трет пациент, таа рече дека тој самиот не бил свесен дека го каснал крлеж. Но, тоа не секогаш може да биде забележано.
Под медицински надзор, одговори таа на новинарско прашање, покрај неговото четиричлено семејство, има уште пет лица кои работеле со пациентот во велешката болница.
Стевановиќ, меѓу другото, апелираше сите кои се движат во природа, како рибари, ловџии, планинари, да носат високи чизми, високи чорапи, светла облека за полесно да забележат инсект, а здравствените работници никако да не го забораваат основниот протокол за заштита при работа за секој пациент.
Ова е трет случај со конго-кримска хеморагична треска во земјава. Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж. Во вториот случај се работи за болничарка, која моментално се лекува на Инфективната клиника, а нејзината состојба, како што беше кажано, е стабилна