Политичките партии или групи граѓани досега поднеле документи за осум кандидати за претседателските избори, изјави за агенцијата Тасс заменик-претседателот на Централната изборна комисија Николај Булајев.
Меѓу оние кои веќе поднеле документи се и рускиот претседател Владимир Путин, кој е независен кандидат, како и неколку кандидати од парламентарните и вонпарламентарните партии.
Според изборниот закон, во претседателската трка можат да учествуваат независни кандидати поддржани од граѓански групи од најмалку 500 луѓе, како и кандидати на политички партии.
Доколку ЦИК регистрира група граѓани, нејзиниот кандидат треба да собере 300.000 потписи за да биде прифатена неговата кандидатура, но во еден регион не може да има повеќе од 7.500 потписи.
Кандидатите од партиите кои немаат претставници во Државната дума мора да соберат 100.000 потписи, не повеќе од 2.500 во секој регион, додека кандидатите од парламентарните партии не треба да собираат потписи.
Независните кандидати треба да поднесат документи најдоцна до 27 декември, а партиските кандидати до 1 јануари.
Претседателските избори ќе се одржат од 15 до 17 март следната година.