Ризаов: Ако денот се познава по утрото, очекувањата за промени кон подобро со Владата згаснаја уште пред првите сто дена
„Ако денот се познава по утрото и по првите чекори на владата и големите очекувања за промени кон подобро гаснат уште пред да се навршат стоте ‘толерантни’ денови“ пишува Ерол Ризаов во неговата колумна.
Тој додава дека конституирањето на Собранието почна со молитва која не ја услиши Господ, ниту граѓаните оти е искажана не само на погрешно место- во највисокиот законодавен дом кој не е молитвен, ниту е џамија, ниту црква, туку заштитник на законитоста, а со тоа и на секуларноста на државата.
„Изборот на владата и на премиерот по молитвата почна со многу дим и пламен, со големи пожари, секојдневни скандали и со засилување на опозициска кампања на власта за наредните избори кои ќе се одржат догодина. Кој за што, премиерот Мицкоски го врти јазот накај избори. Му се уарниле над 500.000 гласа, убеден дека му се во ладилник со длабоко замрзнување, па може да ги одмрзне кога сака. Кажано попрецизно, тој и неговата партија најдобро функционираат во предизборна кампања. Им требаат постојано предавници и непријатели, манипулации, лаги, патриотски тензии, спасување на Македонија од Македонци, мечки, волци и други националности и лоши комшии. Кога ќе дојдат на власт, по направената пустош во главите на луѓето од пропаганди и лаги, не можат да функционираат ако не ја заробат државата“ пишува Ризаов.
Тој додаде дека со горењето на планините, шумите, националните паркови, изгореа и надежите дека некои од главните државни приоритети ќе се решат брзо.
„Овие стотина дена само слушаме држте го крадецот, дека власта на заминување оставила празна каса и хаос. Оправдувањата за лошиот почеток и погрешната насока по која тргна новата власт држат вода кусо време каде што превладува разумот, што за голема жал кај нас секогаш е во малцинство. Во Македонија на лагата долги и се нозете, можат со години да се лажат заблудените, ама колку подоцна се откриваат, толку потешки се разочарувањата и последиците“ пишува Ризаов.