Ризикот од рак се намалува за 50 проценти по откажувањето од цигарите

Откажувањето од пушењето го намалува ризикот од рак на која било возраст, покажуваат резултатите од најновата студија на јужнокорејски научници. Истражувањето покажало дека шансите за развој на рак се намалуваат за 50 отсто најмалку 15 години по откажувањето од пушењето, објави „Гардијан“.

Студијата исто така покажа дека ризикот од рак на белите дробови опаѓа уште повеќе, особено кај оние кои се откажале од пушењето пред средната возраст. Истражувачите ги анализирале медицинските досиеја на речиси три милиони јужнокорејски граѓани кои имале здравствени прегледи од 2002 година наваму и забележале случаи на рак, вклучувајќи тумори на белите дробови, црниот дроб и желудникот до 2019 година.

Во текот на студијата, на речиси 200.000 луѓе им бил дијагностициран рак. Истражувањето го спроведе Националниот центар за рак лоциран во близина на Сеул. По просечно следење од 13 години и пет месеци, ризикот од рак на белите дробови кај оние кои престанале да пушат паднал за 42 отсто, со помал пад од 27 отсто за рак на црниот дроб и 14 отсто за рак на желудникот во споредба со оние кои продолжиле да пушат цигари.

Според студијата, пушачите кои се откажале од пушењето пред 50-тата година имале 57 отсто помал ризик од рак на белите дробови за време на периодот на следење во споредба со оние кои продолжиле да пушат.

Оние кои се откажале на возраст од 50 или повеќе години имале 40 отсто намален ризик од рак на белите дробови во тој период.