Вардар се врати онаму каде што му е местото, во македонската фудбалска елита. Сепак за повторно да биде на старите патеки и да реди успеси на кои сме навикнати, треба многу повеќе на организациски план и при создавање на нови таленти во младинските генерации, вели за ТРТ Балкан, Васил Рингов, поранешен фудбалер на Вардар и член на шампионската генерација 1986/1987, која го освои првенството во поранешна Југославија. Рингов беше еден од клучните играчи заедно со Дарко Панчев, Илија Најдовски, Драган Канатларовски, Вујадин Станојковиќ, Тони Савевски. Со него разговаравме по повод повторното враќање на Вардар во првата македонска фудбалска лига.
Цврсти темели
Во кусиот разговор Рингов посочува дека најуспешниот македонски фудбалски клуб има сериозни недостатоци во организацијата кои мора да ги надмине ако сака да биде конкурентен на домашна и европска сцена.
„Сите сме радосни што Вардар повторно го зазеде местото кое му припаѓа. Но сепак на мускули не се прават секогаш успеси. Односно клубот мора да постави сериозни темели за повторно да биде на оној ранг на кој што беше во минатото”, вели Рингов.
За тоа се потребни повеќе елементи, посочува еден од клучните фудбалери на Вардар во минатото, кој своевремено беше и директор на клубот.
„Вардар треба да се ресетира. Да почне да гради цврсти темели, да има целосна инфраструктура, канцеларии, терен каде што ќе тренира, младинска школа. За тоа треба време. Знам дека е тешко, но тоа е исправниот пат. Во спротивно, може да се соочи со ситуација во која овој успех ќе биде само инцидентен или и да биде успешен на домашен план Европската фудбалска федерација да му оневозможи настап на европска сцена поради хаосот во кој се наоѓа”, посочува Рингов.
Според него клучно е Вардар да има способно раководство и конечно да се знае долгот на и кон фудбалскиот клуб и целосно да се има приказ на финансиската ситуација.
Подеми и падови
Освен шампионската титула во сезоната 1986/1987, Вардар го има освоено и Купот на Југославија во 1987 година. По осамостојувањето Вардар 11 пати беше македонски фудбалски шампион, а 11 пати освојувач на македонскиот Куп.
На европски план, Вардар најголемиот успех го направи во 2017 година кога се пласира во групната фаза од Лига Европа. За пласман во групната фаза Вардар го елиминира турскиот гигант Фенербахче.
Во 2003 година Вардар беше на прагот на пласман во групната фаза и од Лигата на шампиони. Но само поради еден гол во натпреварите со Спарта Прага не успеа да се пласира.
ТРТ БАЛКАН