Ристуча: Интервенцијата на КФОР во северниот дел на Косово беше професионално одмерена

 – Командантот на КФОР во заминување, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча, изјави дека интервенцијата на КФОР во врска со настаните на 24 септември во Бањска, на северот на Косово, била професионално одмерена.

Италијанскиот генерал-мајор Ристуча на прес-конференцијата по повод завршувањето на неговиот мандат рече дека КФОР не може да ја замени улогата на полицијата, бидејќи тоа не е нивен мандат. Тој посочи дека прашањето за регистарските таблички, излегувањето на Србите од косовските институции, општинските избори на северот на Косово, неразумните напади врз персоналот на КФОР, нападот на 24 септември и неколку други, го натерале КФОР да го зголеми своето присуство на северот.

„Обединетото Кралство распоредува дополнителни војници и дополнителни војници ќе продолжат да доаѓаат од други сојузници, вклучително и Романија. Ова се јасни чекори за да се обезбеди дека КФОР ја има потребната сила, способност и флексибилност за да го исполни мандатот на Обединетите нации за одржување на безбедна средина и слобода на движење за сите граѓани кои живеат на Косово“, нагласи Ристуча.

По повод вооружениот напад на 24 септември во Бањска, кај Звечан, командантот на КФОР во заминување рече дека КФОР правилно се справил со ситуацијата и дека оваа мисија на НАТО ги презела сите мерки за да спречи ескалација на ситуацијата.

Тој изјави дека КФОР го осудува нападот врз косовската полиција и оти со оглед на количината и квалитетот на оружјето, целта секако била да се дестабилизира ситуацијата. Тој додаде дека за случајот од 24 септември работеле со сите страни, домашни и меѓународни институции.

„КФОР никогаш не задоцнил со интервенции овде. Ние планираме и постапуваме соодветно, во согласност со нашиот мандат. Затоа, имаме поинаков концепт да бидеме навреме или да доцниме, бидејќи нашата интервенција е професионално одмерена, додека вие како новинар, го достигнавте врвот на вашата експонираност“, нагласи Ристуча како одговор на изјавата на новинарот дека доцнела реакцијата на КФОР на 24 септември на северот на Косово.

Во врска со оружјето запленето од косовската полиција на вооружената група Срби кои ја нападнаа косовската полиција на 24 септември, Ристуча рече дека е премногу рано да се каже како оружјето стигнало до Косово и дека истрагата сѐ уште е во тек.

Тој порача дека страните треба да се вратат на процесот на дијалогот, предводен со посредство на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, што КФОР целосно го поддржува. Тој рече дека е целосно убеден во можноста оваа ситуација да се реши со дипломатски средства.

Ристуча на чело на КФОР ќе биде заменет од турскиот генерал-мајор Озкан Улуташ. Улуташ ја презема едногодишната команда на КФОР на 10 октомври. Ова ќе биде првпат турски воен претставник да командува со мировната мисија на НАТО на Косово од 1999 година.