Роберт Ф. Кенеди помладиот почна кампања за претседател на САД

Роберт Френсис Кенеди помладиот, член на Демократската партија, синоќа официјално ја почна својата кампања за претседател на САД.

Синот на сенатор и јавен обвинител Роберт Ф. Кенеди и внук на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, ја објави својата кандидатура на настан во хотел во центарот на Бостон, Масачусетс.

„Мојата мисија во следните 18 месеци од оваа кампања, и во текот на моето претседателство, ќе биде да се стави крај на комбинираната државна и корпоративна корупција која сега се заканува да наметне нов вид корпоративен феудализам на нашата земја“, рече Кенеди.

Тој истакна дека неговото семејство и тој имаат долгогодишни добри односи со претседателот Џозеф Бајден, но дека многу членови на семејството Кенеди не се согласуваат со него за голем број прашања.

„Денеска сме сведоци на една поларизација во нашата земја што е толку токсична и опасна“, рече кандидатот за претседател на САД и додаде дека неговата цел е да се стави крај на таа поделба.

Роберт Ф. Кенеди Јуниор ги охрабрува Американците да зборуваат за заедничките вредности, а не за прашања што ги делат.