Роботи паркираат возила, сортираат валкани садови, помагаат во болниците

Откако целосно ја променија производствената индустрија, роботите сега полека но сигурно влегуваат во сите други сфери од нашиот живот. Иако не можат секогаш да бидат ефикасни и прецизни како луѓето, машините со вештачка интелигенција сѐ повеќе се способни да ги заменат луѓето на работни места, од помошници во болници до чувари на паркинзи. Пред многу години роботите почнаа да ги заменуваат луѓето при вршење здодевни и опасни работи, како што се заварување илјадници идентични делови на автомобили во автомобилската индустрија или помагање да се склопат различни структури за кои е потребна висока прецизност.
Пософистицираните машини можат да подигаат и преместуваат големи товари, како што се локомотиви, или да сортираат стоки за брза испорака со голема прецизност. Поновите генерации на роботи сега можат да паркираат возила на тесни места за паркирање што многу возачи ги избегнуваат поради страв да не го оштетат сопственото или друго возило, или сортираат валкани садови во рестораните во Сингапур, што го прават многу добро.
Кинеска компанија е уверена дека нејзиниот робот по име Гета може безбедно да паркира автомобил за помалку од две минути.
– Роботот Гета може да се движи насекаде без траги, т.е. непречено и агилно, а тоа ќе го реформира паркирањето во иднина – вели Марко Ву од кинеската компанија за производство и програмирање роботи и роботски возила и помагала.
Покрај заштедата на време за маневрирање, роботот за паркирање користи 40 проценти помалку простор при позиционирање на возилото, што е многу важно во големите и прометни градови.
Друг робот, повеќе сличен на човек, неодамна почна да работи во болница во Остенде, Белгија. Роботот по име Пепер, кој е создаден и програмиран од ИТ-компанијата „Зора ботс“, е висок 120 сантиметри, зборува 19 јазици и се покажал многу добар со децата, па дури и со бебињата. Работата на Пепер е да ги поздравува пациентите, да им дава основни информации и да ги носи во нивната соба. Неговата батерија трае до 20 часа. Тој може да ги анализира интонацијата и изразите на лицето, а неговите креатори и развивачи велат дека неговата главна функција е да направи луѓето да се чувствуваат подобро додека се во болница.