„Родителите ме напуштија кога имав две години, сега бараат од мене да им давам пари до крајот на живот“

Новиот напаѓач на ПСВ Ајндховен, Лукас Перез даде интервју за „El Partidazo de Cope“ каде проговори за неговиот трансфер во холандскиот клуб, но и за една болна тема – тешкото заминување од Депортиво Ла Коруња.

Тој сподели и тешка семејна приказна, која влијаела на неговите одлуки. Тој емотивно зборуваше за неговото детство и семејните проблеми кои повторно се појавија во јавноста:

– Пораснав со баба ми и дедо ми, моите родители ме напуштија кога имав две години. Ме оставија во сиропиталиште бидејќи не можеа или не сакаа да се грижат за мене. Оваа сезона татко ми поднесе тужба со барање да му плаќам алиментација до крајот на животот. Тоа силно ме погоди и го доведов во прашање продолжувањето на кариерата.

Дополнително, тој откри дека кога потпишал за Арсенал, неговата мајка му испратила официјално барање да и ги исплатам парите, иако законски немала право на тоа бидејќи немала старателство. Да потсетиме, неговите родители го напуштиле кога имал две години.

– Имав среќа што баба ми и дедо ми се грижеа за мене, но за жал не можеа да бидат со мене колку што сакаа.

Перез истакна дека главната причина за напуштањето на Ла Коруња е континуираниот конфликт со неговиот татко:

Го сретнав неколку пати за време на Божиќ и тие средби беа многу непријатни. Не се чувствував поддржан во клубот, па решив да бидам искрен и да кажам дека ми е тешко. Ми недостигаше сигурност и доверба во Депортиво. Не долго откако разговаравме за паузата, добив писмо од клубот со барање да потпишам обврска да останам. Сфатив дека луѓето во клубот не разбираат колку ми значи Депортиво. Кога постои таков сомнеж, најдобро е да се повлечете.

По заминувањето од Депортиво, се појавија шпекулации дека тој преговарал со Рајо Ваљекано, што Перез остро го демантираше:

 Медиумите шират невистини. Никогаш не сум правел лекарски прегледи во Рајот, ниту сум преговарал со нив. Кога го раскинав договорот со Депортиво на 22 јануари, се тврдеше дека тоа сум го направил за пари, што не е точно. Никогаш не играв за Депортиво за пари.

Тој исто така истакна дека немал конкретни понуди додека не дојде повикот од ПСВ:

– Понудата од ПСВ пристигна на 30 јануари, а јас тогаш не бев подготвен да потпишам. Сепак, ми праќаа пораки секоја недела, покажуваа колку ме сакаат и на крајот јас донесов одлука. Имав и други понуди, но ниту една не беше како оваа. Не сум размислувал за пензија, бидејќи премногу го сакам фудбалот.