Рокас: ЕУ е независна институција, не можам да коментирам или да давам предвидувања за извештајот на Вајц
Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, не сакаше да коментира дали верува дека извештајот на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, за Македонија ќе биде одобрен од Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, чие гласање беше презакажано за 24 јуни, нагласувајќи дека ЕП е независна институција која работи според свои правила.
„Европскиот парламент е независна институција на ЕУ, која има свој Деловник, свои правила и процедури, секоја дебата организирана од ЕП е предмет на тие правила од Деловникот. Не би можел да дадам никаков коментар, ниту пак какво било предвидување“, кратко одговори Рокас за време на посетата на Крива Паланка, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговите очекувања за извештајот.
На предлог на известувачот Вајц, АФЕТ на 4 јуни го одложи гласањето за усвојување на Нацрт-извештајот за земјата до 24 јуни, со образложение дека бил сведок на интензивни политички дебати за извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, во чија подготовка, за време на преговорите и компромисите, како што рече, „учествувале сите парламентарни групи на Европскиот парламент“.
„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската унија. Овој извештај нема за цел и нема намера да решава билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека ова се однесува и на билатералните односи, но и, да речеме, на владеењето на правото, третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа, би сакал да побарам одложување на гласањето за овој извештај до 24 јуни“, рече Вајц минатата недела.
Бугарските европратеници истакнаа дека Вејц се сретнал со политичари од Македонија, но не и со политичари од Бугарија, и дека пратеникот одговорен за извештајот бил многу близок до земјата кандидат. Вејц изјави за Политико дека за него е стандардна практика да се среќава со претставници од земјата кандидат за која се пишува извештајот.
Во писмото од 17 бугарски претставници во Европскиот парламент се осудува известувачот Вајц, пратеник од Зелените од Австрија, тврдејќи дека Владата на Македонија влијаела врз неговото водење на преговорите и дека тој го игнорирал насилството врз бугарското малцинство таму.
Во изјава за „Политико“, Вајц рече дека бил цел на напади бидејќи, како што рече, не попуштил на бугарскиот притисок. Тој му покажа на новинарот на „Политико“ неколку заканувачки пораки што ги добил откако неговиот телефонски број бил објавен на бугарските крајно десничарски профили на социјалните мрежи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во последните денови добил информации за повторен силен политички притисок од бугарските европратеници и бугарската Влада, дека доколку се гласа за овој извештај, тој би можел да ги радикализира проруските структури против сегашната проевропска Влада на Бугарија.
„Би бил најсреќен човек ако овој извештај се гласа во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), а потоа оди на пленарна седница на ЕП. Деновиве добивам информации за силен политички притисок од бугарските европратеници и бугарската влада, кои тврдат дека ако се гласа за овој извештај, тоа би можело да ги радикализира проруските струи против сегашната проевропска влада во Бугарија. Ова е доволно за да ви даде одговор за тоа во каква состојба се наоѓа една земја-членка на ЕУ и кој всушност го попречува процесот на европска интеграција – за што опозициската СДСМ или опозицијата воопшто се само слепо подготвени да потпишат. Замислете да бевме толку неодговорни и наивни политичари – каде би бил крајот? Но, ние ќе се бориме, ќе продолжиме да се бориме и некои од членовите на АФЕТ и европратениците ни даваат голема поддршка“, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека за нас е доволно што вистинската бугарска стратегија конечно се појавила.
„За нас е доволно што конечно се појави вистинската причина и стратегија, што доаѓа од нашиот источен сосед, а тоа е создавање на сегашна Македонска нација, со сегашен македонски идентитет, која го зборува својот сегашен мајчин јазик и се потпира на бугарски корени“, рече Мицкоски.