Мојот мандат е да ѝ помогнам на Македонија да оди напред и да направи опипливи чекори на патот кон нашата заедничка и непоколеблива определба за членство во Европската Унија, изјави амбасадорот на Европската Унија во државава Михалис Рокас, кој денеска ги предаде акредитивните писма на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Рокас изјавил дека му претставува чест што е во Македонија како претставник на Европската Унија.
-Во текот на својот мандат тој вети дека ќе соработува со институциите, политичките чинители и сите актери и општествени сектори ширум земјата. Претседателката и Евроамбасадорот Рокас разменија мислења за евроинтегративниот процес на Македонија, напредокот што земјата го остварила, можностите за земјата во рамките на Планот за раст, како и за идните реформи и претстојни предизвици. Амбасадорот Рокас ја изрази својата решеност да го поддржи процесот на реформи кои позитивно ќе се одразат врз животот на сите граѓани, стои во соопштението.