Рокас: Неопходно е да се воспостават закони и механизми кои ги штитат и поддржуваат правата на жените
„Потребно е да се создадат закони и механизми кои ги штитат и поддржуваат правата на жените, вклучително и оние со попреченост. Европската унија ќе продолжи да работи заедно со властите, граѓанското општество, локалните заедници овде во Северна Македонија, за да обезбеди ниту една жена, ниту една девојка, без разлика дали има попреченост или не, да остане без еднакви можности“, рече евроамбасадорот Михалис Рокас денеска во Велес на националната конференција „Заедно сме посилни“, организирана од Здружението на лица со церебрална парализа и други инвалиди.
Како што нагласи Рокас во својот говор, изградбата на поинклузивно општество бара активности, од инвестирање во пристапна инфраструктура, до обезбедување еднаков пристап до образование, здравство, вработување или социјални услуги.
„Ова бара нашето колективно внимание и нашата акција да не оставиме никого зад себе. Во Европската Унија, ние сме целосно посветени на промовирање на родовата еднаквост и обезбедување еднакви можности за лицата со посебни потреби. Градењето на поинклузивно општество бара широк спектар на активности, од инвестирање во пристапна инфраструктура, до обезбедување еднаков пристап до образование, здравство, вработување или социјални услуги, до зајакнување на жените да учествуваат во процесите на донесување одлуки на секое ниво“, рече Рокас.
За да се изгради поинклузивно општество, Рокас вели дека е неопходно да се работи со Владата за трансформација на резиденцијалните институции во локални социјални и здравствени услуги за лицата со попреченост, како и поддршка на граѓанските организации во развојот на политики за социјална и економска вклученост на лицата со посебни потреби.