Романија го блокира учеството на Австрија на состаноците на НАТО

Романија го блокира учеството на Австрија на состаноците на НАТО, според австриското издание Куриер , кое тврди дека ова е „јасна одмазда“ за австриското вето за пристапувањето на Романија во Шенген зоната.

Либералниот европратеник Рарес Богдан за локалниот Диги24 потврди дека ова е намерна акција на Романија откако повеќемесечните дипломатски напори се покажаа неплодни.

Австриското Министерство за надворешни работи соопшти дека Романија побарала повеќе време пред да ја одобри акредитацијата на офицерите за врска на нејзината земја во НАТО. На офицерите за врска на земјите кои не се членки на НАТО, како што е Австрија, им е потребна поддршка од секоја од земјите-членки на НАТО пред да бидат акредитирани.

Делегацијата на Романија во НАТО не сакаше да коментира за ова прашање.

Портпаролот на НАТО рече дека „ние сметаме на Романија и Австрија да го решат секое билатерално прашање што може да влијае на активноста на австриските офицери во позициите на НАТО“, се вели во написот на Курир.